Македонија
27. February 2020 - 15:06

Договорот од Преспа се спроведува, иако побавно од очекуваното

Имплементацијата на Договорот од Преспа тече и можеби е побавна од очекуваното. Ние досега може да заклучиме дека македонската страна работи повеќе на имплементацијата на Договорот, а грчката страна малку побавно. Но, очекуваме и се надеваме дека двете страни ќе продолжат да бидат конструктивни, дека имплементацијата ќе се одвива непречено пред сè во контекст на европеизацијата на државава, попрецизно во однос на добивањето датум на преговори што побрзо.

Ова го истакна извршниот директор на ЕВРОТИНК, Иван Стефановски пред презентацијата на документот на јавна политика и видеа, кои се однесуваат на дискурсот за соработка и комуникација меѓу Северна Македонија и Грција, односно Договорот од Преспа што се одржа во организација на Евротинк – Центар за европски стратегии, а во соработка со канцеларијата „Friedrich-Ebert-Stiftung “ во Скопје.

-Овој документ за јавна политика содржи една ретроспектива на имплементацијата на договорот и е поделен во неколку фази. Анализата е направена во соработка помеѓу грчки и македонски аналитичари и новинари, разгледувајќи ги различните аспекти на договорот, рече Стефановски.

Новинарката Александра Вудури од Грција изјави дека кај нив веќе многу не се зборува за Препанскиот договор, на зато што не заслужува внимание, туку зато што фокусот сега е на други теми.

– Фокусот сега е ставен на мигрантската криза што стана голем проблем за владата во Атина и на проблематичните односи со Турција. Јавноста и медиумите главно се насочени на овие две прашања, рече Вудури.
На ова се надоврза и Стефановски, кој истакна дека тоа а е разбирливо, бидејќи Грција е поголема земја и таму се случуваат многу повеќе работи од аспект на меѓународна политика, меѓународни односи и геополитика.

– Проблемите со Турција и најновите случувања секако го ставаат Преспанскиот договор во втор план. Сепак, да се навратиме на последните грчки парламенатарни избори кога премиерот Мицотакис, кој тогаш како лидер на опозиција го употребуваше и злоупотребуваше Преспанскиот договор и неговата имплементација, така што очекувам дека нешто слично ќе се случи и кај нас во овој предизборен период што следи, рече Стефановски.

Универитетскиот професот Јанис Армаколас од грчката тинк-тенк организацијата Елиамеп, посочи дека Договорот од Преспа е еден од најветувачките договори за перспективата на регионот.

-Има потенцијал за позитивна агенда не само за Северна Македонија и Грција, туку и за целиот регион. Договорот поставува рамка за позитива соработка во иднина, но тоа најмногу ќе зависи од неговата имплементација и дали ќе донесе политичка стабилност и меѓусебна доверба и дали двете страни ќе бидат посветени на неговото целосно спроведување, рече Армаколас.

Договорот од Преспа, како што нагласи, во значителен дел се имплементира и нема поголеми забелешки од двете страни. Смета дека од грчка страна треба повеќе да биде направено во имплементација на договорот.

На новинарско прашање во врска со најавите на ВМРО-ДПМНЕ за повлекување на Договорот ако победи на претстојните избори, Армаколас истакна дека не гледа начин како Договорот би можел да се повлече. – Договорот е резултат на консензус од двете страни и не гледам начин. Тоа би бил опасен и ризичен чекор, додаде тој.

Според него, и сегашната грчка влада не е многу среќна за Договорот и затоа ако се отвори ова прашање таа сигурно ќе бара многу повеќе концесии.

– Ако следната влада што ќе биде формирана по изборите не биде целосно посветена на спроведување на Договорот, тогаш ќе се зголеми притисокот во Грција за блокирање на пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ, што ќе не врати назад во лошата политичка атмосфера меѓу двете земји пред потпишување на Договорот, оцени Армаколас.

Денешниот настан е  финансиран од Канадскиот фонд за локални иницијативи, со поддршка од Амбасадата на Канада во Белград, а имплементиран од ЕВРОТИНК.