Бизнис
15. May 2020 - 19:54

Членовите на Комисијата за анти-дискриминација се вратија на работа

Членовите на Комисијата за заштита и спречување дискриминација од денеска се враќаат на работа откако вчера Уставниот Суд го укина Законот со образложение дека не бил изгласан со потребниот број гласови, а со тоа се прекршил Уставот. Според претседателот на Комисијата, тоа што законот се протуркал со недоволна поддршка од пратениците е доказ дека не бил добар.

„Значи, секогаш мал број на пратеници затоа што законот не беше добар и ние како комисија бевме должни и постојано укажувавме додека учествувавме во изработката на законот дека не е добар и дека треба да се усогласи со препораките на Венецијанската комисија. Имаше повеќе одредби што не беа во согласност со новите европски препораки и директиви, но и покрај укажувањата не се прифати тоа”, вели Александар Даштевски, претседател на Комисијата за заштита и спречување дискриминација.

Комисијата ќе одлучи за следните чекори откако ќе ја добие одлуката од Уставниот суд. Според Даштевски ова нè уназади, но добрата порака што ја праќа земјава е дека не може да се протуркаат закони спротивно на Уставот.

„Конечно ова значи дека не може да се работи во Македонија противуставно, дека се работи согласно владеење на право и правна држава, што е добро за европската перспектива”, објаснува Даштевски.

Од друга страна, невладините бараат одговорност од Собранието за направените пропусти при носењето на Законот.

„Собранието на Република Северна Македонија со необезбедувањето на потребното уставно мнозинство за изгласување и усвојување на Законот за спречување и заштита од дискриминација уште еднаш потврди дека потребите на најранливите и најмаргинализираните категории граѓани не се важни, нити вредни за заштита. Одговорноста за пропустите во постапката ја лоцираме кај Собранието, особено владеачкото мнозинство чија предизборна кампања се засноваше на идејата за еднаквост, претседателот на Собранието, Талат Џафери и претстедателот на РСМ, Стево Пендаровски, кои знаеле или морале да знаат дека законот треба да се изгласа со 61 глас”, стои во реакцијата на невладините организации.

Инаку, Уставниот суд во февруари поведе постапка за овој Закон бидејќи бил донесен без потребното мнозинство. Првично беше изгласан со 51 пратенички глас. Тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов не го потпиша поради новото уставно име на земјава, па законот беше повторно вратен во Собрание, каде овој пат беше изгласан од 55 пратеници. Со тоа Законот не се усвои со потребното уставно мнозинство од 61 глас.