Македонија
27. January 2016 - 20:00

Церар предложил обезбедување на македонско-грчката граница за да се избегне поставувањето огради низ Европа

Словенечкиот премиер Миро Церар, во своето писмо упатено до претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер пред десетина дена, вели дека неговата земја е на крајот на нејзиниот капацитет да се справи со бегалската криза, и дека во тек е заострување на контролата на границите во скандинавските земји и низ средна Европа.

Поради тоа, како што јавува допсникот на МИА во Брисел, Церар во своето писмо  кое е испратено и до премиерите на Грција, Македонија, Србија, Хрватска, Австрија, Германија и Холандија (како претседавач со Советот на ЕУ) бара да се избегне создавање на домино ефектот на затворање на границите, и да се избегне заострување на односите меѓу балканските и средно-европските земји, така што Македонија ќе добие помош за да ја контролира својата граница кон Грција.

- Предлагам упатување на дополнителна директна помош на македонската Влада да ја засили својата гранична контрола и на тој начин да се запрат одредени нерегуларни мигранти од поминување на грчко-македонската граница. Сите земји од Европската Унија треба да им обезбедат максимална помош на македонските власти за да ја контролираат гореспомнатата граница, со издвојување на свои полициски офицери, обезбедување опрема и други соодветни мерки. Секако, ова нема да значи дека бегалците кои имаат право на меѓународна заштита нема да бидат прифатени во другите делови на Европа. Сепак, многу важно е ние, со заедничка соработка на грчко-македонската граница, да спречиме можни тензии и конфликти меѓу земјите од западен Балкан и средна Европа. Ако нашата соработка биде успешна, нема да биде потребно поставувањето на огради меѓу нас, и луѓето кои се извориштата на миграцијата ќе ја примат пораката дека им е бесцелно да трошат средства за ирегуларно мигрирање. Како резултат на ова, ќе можеме ја овозможиме нашата непречена економска соработка која обезбедува развој и работни места”, пишува во писмото на словенечкиот премиер Церар до претседателот на неформалната Влада на Европската Унија.

Ова писмо предизвика значителен интерес меѓу дописниците на европските и светските медиуми во Брисел, кои писмото на Церар и одговорот на Јункер ги протолкуваа како чекор кон создавање на цврсто контролирана граница меѓу Македонија и Грција, со што ќе се пресече балканскиот пат на бегалците. Со оваа мерка, за која жолчно реагираа и грчките медиуми, би се овозможило запирање на бегалците внатре во Грција, и би требало да се обесхрабрат новите бранови бегалци од упатување кон Европа преку овој пат.

Реакцијата во Грција е особено гневна бидејќи оваа земја укажува дека не може физички да ја обезбеди својата исклучително долга морска граница кон Турција и безбројните острови до кои пристигнуваат бегалците, а затворањето на границата од страната на Македонија во Грција се доживува како опасност од претворање на оваа земја во масовен камп за бегалци од целиот свет, како и за суспендирање на Шенгенскиот договор за грчките државјани.

Во своето писмо, Церар му пишува на Јункер дека е свесен дека Грција е под силен притисок.

- Имаме разбирање за ова и ги цениме грчките напори. Грција е еден од клучните играчи во целиот синџир и мора да добива поддршка од другите земји со цел да може успешно да придонесе во решавање на актуелната ситуација и во целост да се применат договорените мерки. Во овој контекст, Грција нема да иде сама и ќе може да смета на солидарноста од другите земји. Грција веќе доби поддршка преку ФРОНТЕКС, преку програмата за прераспоредување, доби значителни финансиски средства и преку одлуката да се суспендира враќањето на мигрантите согласно регулативата од Дбалин. Дополнително, на Грција треба да и се укаже помош за брзо враќање на мигрантите кои очигледно немаат право на меѓународна заштита, пишува Церар во писмото до Јункер.

И покрај овие квалификации, за грчката јавност ова е дополнителен притисок, по претходните повици на земјите од средна Европа да се постави жичена ограда на нејзините северни граници, како и по повикот на Австрија за грчко суспендирање од Шенгенскиот договор.

Церар предупредува дека, по почнувањето на бегалската криза, во текот на минатата година земјите од југозападна и средна Европа ги нарушиле меѓусебните односи и одреден број на вообичаени форми на нивна меѓусебна соработка биле суспендирани, додека трае меѓусебниот натпревар во што поскоро насочување на бегалците кон границите на соседната земја. Затоа, премиерот Церар предлага засилување на границата кон Грција, а во замена на тоа, да се одбегне натамошното поставување на жичени огради низ Балканот и средна Европа, и да се одбегне натамошно нарушување на односите меѓу другите држави.