Бугарија со остри реакции на изјавата на Мицкоски – Бугарите во уставот е услов на ЕУ, не на Софија
Апсолутна провокација. Вака Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ најголемата партија во бугарската влада ја коментира вчерашаната изјава на премиерот Мицкоски, кој одговарајќи на пратеничко прашање рече дека е чудно што Албанија каде според последниот попис живеат над 8000 Бугари нема обврска да ги внесе во Уставот како Македонија каде како Бугари се декларираат под 800 лица.
„Апсолутна провокација и едноставно не треба да и се обрнува внимание. Министерството за надворешни работи на Бугарија реагираше добро, така што – тие тоа можат,“ рече Борисов
Претходно бугарското МНР во писмена реакција изрази длабоко разочарување и осуда на изјавите на Мицкоски. Оценија дека на ваков начин македонскиот премиер ја искривува реалноста и ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европската интеграција на Македонија.
Сакаме да нагласиме дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу нашите две земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди. Напредокот во процесот на европска интеграција на РСМ е можен само преку целосна и сеопфатна имплементација на Европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на Уставот на РСМ, се вели во писменото соопштение од бугарското МНР.
Преку социјаните мрежи реагираше и лидерот на партијата Има таков народ. Трифонов пишува дека е разочаран што и покрај сите комприси кои ги направила Бугарија, Македонците немаат ниту грам почит и благодарност.
Односите Скопје Софија стагнираат и покрај изборот на политичка влада во Бугарија. Прва средба помеѓу министрите за надворешни работи на двете држави Муцунски-Георгиев е можна на маргините на безбедносната конференција која викендов ќе се одржи во Минхен, но официјална потврда се уште нема.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар