Балкан
9. December 2021 - 16:45

Бугарија е на чекор до формирање Влада

Бугарија е чекор до формирање Влада. Четирите коалициони партии во Софија најавија дека до утре ќе го усогласат договорот, по што очекуваат Бугарија во следните 4 години да вплови во мирни политички води, под нивно лидерство. 

- Одиме кон стабилна Влада која ке не води во следните 4 години, изјави Кирил Петков.

Коалиционите партнери веќе ги договорија приоритетите на бугарската надворешна политика, меѓу кои и позицијата кон Македонија, која. според социјалистите, ќе се темели пред се  врз заштита на националните интереси.

- Ги прогласивме нашите „црвени линии“, постигнавме договор со другите партнери. Тие се однесуваат на надворешната политика кон Северна Македонија и нејзиното пристапување во ЕУ – да се почитува нашето историско минато и националните интереси. Втората е Истанбулската конвенција, објасни социјалистот Филип Попов.

Во меѓувреме, привремениот премиер Јанев пред Собранието повтори дека нема промени во политиката кон Македонија.

Новото  истражување на Галуп покажува дека над 70 отсто од бугарските граѓани за приоритет го сметаат решавањето на односите меѓу Скопје и  Софија, а не пристапувањето на Македонија кон ЕУ.  Делот на оние кои ја поддржуваат опцијата Македонија да стане членка на ЕУ, без оглед на односите со Бугарија, не надминува една десетина, укажуваат податоците од анкетата на Галуп.