Бројот на новозаболени од Ковид-19 и натаму трицифрен, иако има тренд на намалување
Нови 130 случаи со Ковид-19 од 1.742 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Починати се едно лице од Скопје (70) и едно од Штип (75), двете во болнички услови. Регистрирани се 152 оздравени пациенти.
Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 12.970, бројот на оздравени пациенти е 9.513, на починати е 549, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.908.
Од вкупниот број активни случаи, во Скопје има 905, во Гостивар 298, во Куманово 286, во Штип 258, во Струга 171, во Тетово 158, Кичево 128, во Кавадарци 105…
На Инфективната клиника примени се двајца пациенти. Вкупно се хоспитализирани 76 пациенти од кои на кислородна поддршка се 40 пациенти, нема на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 19 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19 и осум деца позитивни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се пет пациенти. Вкупно хоспитализирани се 74 пациенти од кои на респираторна машина се тројца пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 21, а во болницата во Штип се хоспитализирани 41 пациент. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 120 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција рече дека веќе неколку недели во континуитет во земјава има намалување на бројот на новозаболени и починати лица и зголемување на бројот на оздравени пациенти. Според него, ова се главните индикатори кои дозволуваат да се констатира дека состојбата со епидемијата е стабилна, воедно и состојбата со болничките капацитети, кои исто така се еден од најважните индикатори за евалуација на епидемиолошката состојба.
Филипче рече дека според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 10 до 16 август се направени вкупно 11.605 тестирања, 2.062, односно 17,8 отсто, повеќе споредено со претходната недела.
– Од направените 11.605 тестирања, регистрирани се 902 односно 7,8 отсто нови позитивни случаи од 29 градови. Најголемиот дел од регистрираните случаи се од Скопје и Куманово, во другите градови се појавуваат спорадични случаи, мини кластери кои главно се должат на непочитување на превентивните мерки. Во текот на минатата недела, регистрирани се 17 смртни случаи што претставува намалување од 32 отсто во однос на претходната недела во истиот период. Оздравени се 1.067 лица, односно 29 повеќе споредено со претходната недела, посочи Филипче на заедничката прес-конференција со министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Според него, тоа што е исто така евидентно е и намалување на процентот на вкупниот број на позитивни од вкупниот број на направени тестови. Во однос на болничките капацитети, истакна дека значително е намален бројот на хоспитализации на Инфективната клиника во Скопје, Градската општа болница „8 Септември“, но и во останатите инфективни одделенија ширум државата.
Посочи дека покрај тоа што во овој момент состојбата со епидемијата на Ковид-19 во државава е стабилна, интензивно се подготвуваат за есенските месеци кога претпоставуваат, а претпоставуваат и многу други земји во регионот и во Европа, и на северната хемисфера, дека ситуацијата може да се комплицира, заради тоа што е вообичаена сезона на респираторни заболувања.
– Мора да се подготвуваме за полоши сценарија. Но, верувам дека ако доследно се придржуваме до сите превентивни мерки, носењето маска, дистанцата, хигиената, овие лоши сценарија можат да се превенираат да не се случат. Примена на мерките за лична заштита, освен коронавирусот, ќе спречи и трансмисија и на други вируси во периодот што е пред нас. Затоа е битно да се заштитиме и самите од овој вирус, и останатите вируси и истовремено со тоа да се намали притисокот кон болниците, рече Филипче.
Потенцира дека на состанок на Комисијата за заразни болести усвоиле и нов протокол за ослободување од изолација на пациентите, при што повеќе нема да бидат потребни контролни тестирања. Новиот протокол, појасни, се темели на опсежни анализи на истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија во МАНУ, понатаму на препораката на Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола и превенција на болести.
– По објавените препораки веќе на крајот на мај МАНУ анализираше повеќе од 10.000 тестирања и според анализите, досегашните сознанија укажуваат на фактот дека кај пациенти кај кои има дијагностициран SARS COV 2 вирус, независно од резултатот на последователното контролно тестирање кај истите не е присутен вијабилен односно репликативно компетентен вирус, што може да е доволно силен за да предизвика зараза после 10 дена кај асимптоматските пациенти, односно 20 дена кај пациентите кои имаат симптоми, односно 10 дена или 20 дена после позитивниот тест, додаде Филипче.
Ново на Сител
-
Биткоинот достигна вредност од над 90,000 долари
-
Скопјанец осомничен за обид за убиство на подмолен начин
-
Тошковски: Ставањето во функција на „Безбеден град“ е со цел да се подобри безбедноста на патиштата и да се намали бројот на жртви
-
Во Кина студент со нож уби најмалку осум лица, рани 17
-
Измамена велешанка - И кажале дека и следуваат 20 илјади евра, па пратила 600 евра
-
Притворен малолетникот кој на автобуски станици во Карпош со нож повредил двајца малолетници
-
Мигранти влегле во камион без знаеење на возачот и се обиделе да влезат во Македонија
-
Пронајдена дрога во Скопје, приведени повеќе лица