Македонија
14. September 2021 - 13:14

Брнз: Целата помош што ќе биде собрана, ќе се намени за семејствата на жртвите во пожарот во Тетово

Во Американската амбасада во Скопје денеска се одржа традиционалната крводарителска акција во чест на жртвите од терористичкиот напад на 11 септември 2001 година.

Американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз, која и самата се вклучи во крводарителската акција, најави дека целата помош што ќе биде собрана преку „American corners“ мрежата во земјава, ќе биде донирана за семејствата на починатите во пожарот во модуларната болница во Тетово.

– Сакам да го изразам моето сочувство за пожарот што се случи минатата недела во Ковид-центарот во Тетово. Како дополнување на напорите што нашата Амбасада ги прави заедно со нашата „American corners“ мрежа, организираме слични акции насекаде во земјава. Сите собрани донации од оваа година ќе ги донираме на Црвениот крст во Тетово со цел да им помогнеме на сите оние кои беа погодени во пожарот, истакна амбасадорката Брнз во своето обраќање.

Осврнувајќи се на настаните од 11 септември 2001 година кога близу 3000 луѓе ги загубија животите, Брнз укажа на важноста од волонтерството и улогата која ја одиграле волонтерите во санирањето на последиците од овој терористички напад.
 
– Оваа година се одбележува 20-годишнината од трагичните настани кои ги идземаа живоите на близу 3000 луѓе. Со овој ден на сеќавање, жалиме за загубите и им оддаваме почит. По овој трагичен настан кој се случи пред 20 години, многу волонтери се пријавија да им помогнат на првите спасувачи во потрагата по преживеани, пружајќи советување и емоционална поддршка и помош во огромните напори за расчистување, рече Брнз.
 
 

Крводарителската акција се спроведува во соработка со Црвениот крст на Македонија и Институтот за трансфузиологија.

– 11 септември 2001 година и по 20 години претставува болно сеќавање не само за американскиот народ, туку и за целиот напреден свет. На денешниот настан, секој од нас на свој начин и со личен пример може да понуди помош на оние на кои им е потребна. Ова е можност да ги артикулираме различностите и да ги претвориме во хуманитарни ефекти. Тоа е пораката што денес сакаме да ја упатиме одовде. Нека денешниот ден не потсети колку е важно да сме заедно, да даруваме и да одвоиме дел од себе, да помогнеме на ранливото население, на оние на кои им е потребна помош, рече генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити.

Пандемијата предизвикана од Ковид-19 со која се соочува светот веќе две години, според Саити, уште еднаш покажала дека хуманоста и солидарноста ги надминуваат локалните, регионалните и глобалните димензии.

– Да се биде солидарен со другите е универзално чувство кое ни помага да ги надминеме страдањата од минатото и сегашноста и да се свртиме кон иднината, порача Саити.

Во справувањето со пандемијата, како што посочи, биле ангажирани над 600 волонтери кои дале помош и поддршка на повеќе од 200 илјади граѓани и на здравствениот систем во справувањето на пандемијата.

Крводарителската акција започна во 2009 година во чест на починатите во терористичкиот напад на САД на 11 септември 2001 година. бак/са/