Македонија
14. September 2015 - 13:43

Брима Галуп: Светот ги поддржува санкциите на ОН, Македонија неодлучна

Светската јавност е понаклонета кон поддршка на санкциите на ОН, покажа четвртата годишна глобална студија на ВИН/Галуп Интернешенел на јавното мислење, годинава осврнувајќи се на легитимноста на процесот на наметнување санкции од страна на Обединетите нации.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека од над 60 илјади интервјуирани лица од 61 држава, во 49 земји побројна е јавноста која е склона да ги поддржува санкциите во однос на делот на јавноста која не е склона да ги поддржува санкциите. Во 11 земји поголем е делот од јавноста која не е склона да ги поддржува санкциите во однос на оние кои ги поддржуваат.

- Македонија е единствената држава каде делот на јавноста која е склона да ги поддржува санмкциите е изедначен со делот на јавноста која не е склона да ги поддржува санкциите на ОН, стои во извештајот.

Во Македонија од 1.204 испитаници, резултатите покажуваат дека е единствена земја од сите 61 анкетирани во светот, кај која популацијата во еднаква мера се спротивставува со 38 проценти и ги поддржува со 38 проценти санкциите на ОН, што ја прави, се посочува, единствена во светот која е неодлучна по ова прашање.

Санкциите на ОН најмногу ги поддржуваат во Ерменија, Јужна Кореја, Финска, Австрија, Виетнам, Португалија, Либан, Италија, Украина и Германија. Најмногу се спротивставуваат во Тајланд, Индонезија, Кина, Мароко, Панама, Аргентина, Колумбија, Филипини, Палестински територии и Србија.

Резултатите од истражувањето за Балакнот покажуваат дека има сигнификантна разлика меѓу земјите кои имале проблем и биле предмет на наметнување санкции од страна на ОН и оние кои не се соочиле со такви проблеми. Така земји од Балканот со најнизок ранг за наметнување санкции од страна на ОН се Косово со 9 проценти, Македонија со нула и Србија со 5 проценти, додека со највисок се Романија плус 17 проценти, БиХ плус 25, грција + 27 и Бугарија +41.