Свет
30. January 2017 - 8:39

Беноа Амон ќе ја претставува социјалистичката партија на претседателските избори во Франција

Беноа Амон со убедлива победа пред Мануел Валс официјално стана кандидат на Социјалистичката партија за претседателските избори во Франција, јавува дописникот на МИА од Париз.

За Беноа Амон гласаа 58,65 отсто од учесниците на прелиминарите избори, додека за Мануел Валс 41,3 Двајцата кандидати, иако се од иста партија, сепак од нивните програми и декларации се констатира дека во Социјалистичката партија на Франција има две левици.

Едната, олицетворена во Мануел Валс блиска до центарот и таа на Беноа Амон, блиска до левото крило на партијата. Тие зборуваат, тие разговараат, тие се противат. Но, тие веројатно никогаш нема да се согласат. Без разлика за која тема се дебатираше за време на кратката кампања, во ниту еден момент, тие не се најдоа на иста бранова должина. Работа, економија, секуларизам, животна средина, здравство ... Двајцата кандидати, напротив ги продлабочија разликите.

Од една страна Мануел Валс, поранешен министер за внатрешни работи, поранешен премиер и застапник на лево ориентираната влада „одговорен" и „раководител", по цена дури и да се оддалечи од социјалистичките идеали. Тој не сака да „создава илузии".

Од друга страна, Беноа Амон, поранешен државен секретар за социјална и солидарна економија, ефемерен министер за образование и приврзаник на „чиста и совршена" левица по цена дури и на преземање на неколку слободи со јавните финансии. Тој сака да се создаде „иднина по која се тежнее“. 

Мануел Валс го призна поразот и му посака „добра среќа Беноааамон".
„Беноа Амон сега е кандидат на нашето политичко семејство, сега тој ја има задачата да не обедини“, изјави Мануел Валс во краткиот говор веднаш по објавувањето на првите резултати од гласањето на 29 јануари.

Беноа Амон, победникот, вети дека ќе ги „обедини сите социјалисти" околу неговата кандидатура за претседател.

- Вечерва, левицата ја крена главата, си честита синоќа Беноа Амон во својот победнички говор во вториот круг од партиските избори. Тој исто така рече дека „ќе му предложи на Јаник Жадо канидатот на зелените и Жан-Лук Меланшон од фротнот да создадат владејачко социјално, економско и демократско мнозинство.