Свет
22. August 2016 - 8:24

Бан со осуда за нападот на свадба во Турција

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун го осуди самоубиствениот напад на свадба на југоисток во Турција во кој загинаа 51 човек и повика да се казнат извршителите.

- Генералниот секретар го осуди терористичкиот напад извршен на венчавка во градот Газиантеп во Турција. Тој изразува сочувство до семејствата на жртвите, владата и народот на Турција, се вели во соопштение од Кабинетот на Бан.

Во него се истакнува дека Бан се надева оти извршителите на тој напад ќе бидат брзо идентификувани и приведени.

- Бан укажува на неопходност од јакнење на регионални и меѓународни напори во спречување и борба против тероризмот и насилен екстремизам, се наведува во соопштението.