Македонија
21. April 2021 - 15:09

Амбасадорот на БиХ Јаќимовиќ порача дека на Балканот му е потребен мир, војните на сите им се преку глава

Амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јакимовиќ денеска имал средба со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, на која разговарале и за нон пејперот, кој деновиве ја разбранува јавноста, околу наводната поделба на БиХ и прекројување на границите на Балканот. Јакимовиќ при денешната посета на Штип и на градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов порача дека на сите на Балканот им е потребен мир, и оти војната им е преку глава.

-Секоја држава особено Словенија, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина имаат свој став околу нон пејперот. Она што сигурно можам да го кажам и како амбасадор на Босна и Херцеговина е дека пред се сите сакаме мир на овие простори, бидејќи војна и сите тие воени случувања на сите ни се преку глава. Јас мислам дека на сите пред се ни треба мир, секако добра економија и стабилност, вели Јакимовиќ.

Амбасадорот на БиХ Јакимовиќ и штипскиот градоначалник Николов разговарале околу восптоставување на подобра економска и туристичка соработка. Николов истакна дека на средбата разговарале и за збратимување на градот Штип, со некој град во оваа држава, со цел подобра соработка и развивање на пријателство. Јакимовиќ очекува деновиве  Босна и Херцеговина и Македонија да потпишат и договор за соработка во делот на туризмот.