Ако нема нова вонредна состојба, избори на 5 јули
Иако Владата формално се уште не се изјаснила дали е потребна нова вонредна состојбна, според изјавите на преставници на власта извесно е дека ново продолжување ќе нема. Тие тврдат дека е исцрпена потребата од нова вонредна состојба и оти фокусот сега треба да се стави на продолжување на изборните дејствија, според уставните и законските рокови, и оджрување на предвремените парламентрани избори на 5 јули.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека вонредната сосотојба досега се носела заради економските мерки за помош на граѓаните и стопанството. Владата, потенцира, не гледа потреба да носи четврти пакет на економски мерки затоа што до есен ќе се реализира третиот пакет на економски мерки кој е веќе донесен.
– Нема никакви причини Владата да бара нова вонредна состојба. Нема ни основ како да ја оправда. Затоа роковите за избори остануваат онака како што е законски и уставно пропишано, а тоа е 22 дена од завршување на вонредната состојба, односно на 5 јули, вели Заев. Вонредната состојба, како што посочува, нема врска со рестриктивните мерки поврзани со здравствените последици од коронавирусот.
И министерка за одбрана и потпретседател на СДСМ Радмил Шекеринска смета дека вонредната состојба не може да се продолжува во недоглед зашто земјава не може да функционира без Парламент и треба да биде избрана влада со целосен политички легитимитет.
-Ниту една демократска држава не може да си дозволи олку долго да функционира без Собрание.Прашањето за датумот за одржување на изборите не е прашање на политички желби или предмет на консензус на политички партии, туку тоа е уредено во Уставот и законите, рече вчера Шекеринска.
Артан Груби од ДУИ изјави дека неговата партија останува на одлуката изборите да се одржат во јули, изразувајќи уверување дека сите партии ќе учествуваат на изборите.
– Јас сум убеден дека било кој термин да го определиме за одржување на избори, сите партии ќе учествуваат, зашто не може да си го дозволат луксузот да не учествуваат на избори кои се признаени од сите институции и од меѓународната заедница и со мониторинг на ОБСЕ/ОДИХР, рече Груби. Тој смета дека можни се промени на Изборниот законик, со што би можело да се гласа неколку дена – еден ден би гласале пензионерите, вториотден тие што се во изолација, а останатите во третиот ден.
Во врска со тоа дали опозицијата ќе учествува на изборите, ставот на ДУИ е дека бојкотот не донел успех на ниту една политичка партија, не сакаат да се мешаат во одлуките на другите партии, но посочуваат дека досега не го слушнале зборот бојкот од опозицијата.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека не треба да се брза и дека е несоодветно воопшто да се размислува за избори во ситуација кога имаме по повеќе од сто заразени дневно и по неколкумина починати. Велат дека клучен фактор за одредување на датумот за избори е здравствената состојба со короната.
Вонредната состојба, четврта по ред, што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски, истекува в сабота на 14 јуни. Дотогаш се очекува Владата да донесе став дали ќе побара продолжување, од што зависи и терминот за одржување на предвремените парламентарни избори. Во меѓувреме, Владата донесе Уредба со законска сила со која им даде насоки на надлежните државни органи за продолжување на изборните дејствија и за подготовка на изборите.
Засега нема најава дали и кога би се одржала седница на Советот за безбедност на која би се разгледувало прашањето за вонредната состојба, а нема ниту иницијатива за нова лидерска средба на која политичките партии би се усогласиле за терминот за изборно соочување.
По прогласувањето на последната вонредна состојба на 30 мај претседателот Пендаровски изјави дека, според неговите сознанија, пред да се случат новите трендови поврзани со пандемијата политичките партии биле блиску до договор за датум за избори, но оти поради развојот на ситуацијата и порастот на бројот на заболени и починати, разговорите се прекинати.
Оттогаш, никој официјално не потврди дали разговорите за усогласување на датумот за избори продолжиле или не.
За изборите и за состојбата со Ковид 19, синоќа со лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски телефонски разговарал еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
Вархеји на Твитер напиша дека ја истакнал важноста од слободни, фер и инклузивни избори во Северна Македонија, водејќи сметка за состојбата со Ковид -19 и за потребата од економско закрепнување.
Освен објаваниот кус твит, Вархеји не открива повеќе детали од разговорите со Заев и Мицкоски.
Шефот на државата, почнувајќи од 18 март досега донесе три одлуки за прогласување вонредна состојба. Првите две во времетраење од по 30 дена, а последната од 14 дена.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Диме Велев, претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари
-
Трајановски најавува градежна офанзива во патната инфраструктура
-
Трет ден комисиска расправа за предлог-буџетот за 2025 година
-
Мицкоски ги повика банките на општествена одговорност
-
СДСМ: Власта ја партизира АЕК
-
Мицкоски: Нема да има отстапки во позициите за ЕУ перспективата
-
Четвртина од населението во државата не знае дека има дијабет
-
Зголемен бројот на деца со тешкотии при читањето