Бизнис
15. January 2022 - 13:52

АД ЕСМ следната недела официјално ќе го преземе управувањето со БЕГ и топлификација Скопје Север

АД ЕСМ ги поздравува мерките кои ги преземаат Владата на Р. Северна Македонија и РКЕ за надминување на кризата со снабдување со електрична енергија и на кризата со снабдување со топлинска енергија. АД ЕСМ континуирано искажува подготвеност и соработка со институциите и во изминатиот период е ставен на располагање за свој дополнителен ангажман и вклученост во просеците за надминување на кризните состојби.

Согласно Уредбата донесена на вчерашната седница на Владата во врска со кризата настаната во снабдувањето со топлинска енергија и дополнителните одлуки кои ќе следуваат, АД ЕСМ ќе го преземе раководењето со БЕГ до завршувањето на кризата со снабдување со топлинска енергија.

Преземањето на управувањето со трите субјекти на БЕГ, (Производство, Дистрибуција и Снабдување ) и со топлификација АД Скопје Север се очекува во текот на претстојната недела, откако АД ЕСМ ќе ги добие од страна на Владата потребните одлуки и задолженија за спроведување на преземањето.

Во меѓувреме, АД ЕСМ потпиша договор со Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје. Со тој договор ТЕ-ТО ќе го зголеми обемот на производство на електрична и на топлинска енергија, односно ќе работи со максимален капацитет, седум дена во неделата наместо пет дена како досега, во периодот од 05:00 часот наутро до 01:00 часот по полноќ со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати. Електричната енергија ќе ја презема АД ЕСМ, додека зголеменото количество топлинска енергија кое произлегува од процесот ќе се испорачува кон БЕГ и Скопје Север, односно во топлинската мрежа во градот Скопје. Греењето во градот Скопје нема да се исклучува во вечерниот термин до 22.00ч. како што беше утврдено досега, туку топлинска енергија за корисниците ќе се испорачува до 01.00ч. До денот на преземањето на БЕГ од страна на АД ЕСМ, сите трошоци за испораката на греењето во Скопје ќе ги сноси ТЕ-ТО. 

АД ЕСМ стои на ставот дека одлуките кои ги носат Владата на Р. Северна Македонија и РКЕ , и преземањето на обврските од страна на АД ЕСМ, ќе го стабилизира снабдувањето со топлинска, но и електрична енергија кон граѓаните, со оглед на тоа што постои енергетска криза во глобални рамки.

АД Електрани на Северна Македонија