Свет
10. November 2023 - 14:18

Абас: Подготвени сме да ја преземе контролата врз Газа, но како дел од сеопфатно решение

Претседателот на палестинската управа Махмуд Абас денеска повтори дека тоа тело е подготвено да ја врати контролата врз Појасот Газа по војната меѓу Израел и Хамас, но порача дека тоа ќе го прифати само во рамки на сеопфатното политичко решение, кое ја вклучува палестинската држава во границите од 1967 година, со источен Ерусалим како главен град.

Во говорот по повод 19-годишнината од смртта на палестинскиот лидер Јасер Арафат, Абас повика на зачувување на наследството на Арафат и заштита на Палестинската ослободителна организација како единствен легитимен претставник на палестинскиот народ, пишува „Тајмс оф Израел“.

Абас, исто така, повика на одржување меѓународна мировна конференција за да се обезбедат „меѓународни гаранции“ и распоред за ставање крај на израелската окупација на палестинските територии.

Тој ја отфрли можноста Израел повторно да го окупира Појасот Газа. Израел претходно соопшти дека планира да ја задржи безбедносната контрола над Газа на неодредено време откако ќе заврши воениот поход против милитантната група Хамас која е на власт во таа палестинската енклава, но дека не планира повторно да ја окупира.