Свет
25. јуни 2024 - 17:19

Украина се надева дека ќе биде подготвена за влез во ЕУ до 2030 година

Украинската вицепремиерка Олга Стефанишина изрази очекување дека нејзината земја ќе биде подготвена за влез во ЕУ до 2030 година.

Стефанишина денеска разговараше со новинарите во Луксембург, каде што учествуваше на отворањето на пристапните преговори.

Според неа, доколку ЕК е подготвена, преговорите може да завршат и порано. На прашањето дали очекува пречки од Унгарија, таа изрази надеж за позитивен исход од билатералниот дијалог со Будимпешта.

-Многу се надеваме дека билатералниот дијалог ќе доведе до тоа Унгарија повеќе да не го блокира процесот на проширување на ЕУ, рече Стефанишина.

Во име на белгиското претседателство со Советот на ЕУ, министерот за надворешни работи Хаџа Лабиб го изрази своето задоволство што денеска почнуваат преговорите со Украина и Молдавија. Лабиб се согласи во оценката дека денеска е историски ден.

-Ова е јасен сигнал до (рускиот претседател) Владимир Путин, кој се обиде да ја украде иднината на Украинците, но уште повеќе ги приближи до ЕУ, рече Лабиб.