Македонија
13. April 2024 - 16:41

Зошто лекарите сакаат белиот мантил да го заменат со политичка функција?

Како од хируршка сала и операции кои траат со саати да се стигне до столче во Кристалната сала во Собрание? Во актуелните кампањи за претседателски и парламентарни избори дефилираат голем број на лекари кои годините поминати во учење, едукации и специјализации сакаат да ги заменат со политичка функција. Ова не е тренд само во овој изборен процес, но се повеќе зема замав интересот на здравствени работници кои претендираат  да бидат дел од Парламентот или пак да живеат во вила Водно. Дваесетина веќе ги има на кандидатските листи.

Аналитичарите велат дека докторите се познати во општеството, народот ги познава и им верува а тоа е како кец на десетка за партиите.

- Тие се веќе градени персоналитети во нашето општество и партијата не треба да инвестира за нив да ги прави познати, туку ги зема како финален готов продукт кој после може да го продава пред граѓаните за што повеќе гласови. Од друга страна, пак, ги привлекува политиката поради тоа што веќе знаеме дека најплатената професија во нашата држава е да си политичар, и збогатувањето или пристапот до ресурси е многу полесен кога си дел од политичка партија, вели Сефер Селими, аналитичар

Побрзо и полесно збогатување, пат за кариерно унапредување  или исполнување на некои желби кои не би можеле да ги добијат без политичка функција, вели Селими за лекарите кои одат на митинзи и презентираат програми. Но што значи тоа за граѓаните во услови кога постојано се алармира дека тешко се стигнува до термин а годишно над 200 млади доктори си одат од државата?

-За жал, граѓаните воопшто ќе се соочуваат со се поголем број на недостиг на здравствени услуги и поради заминување воопшто на лекарите, но и оваа миграција од здравство во политика ќе не чини подолго чекање на доаѓање на ред за добивање на лекарска услуга, вели Селими.

Селими вели дека ова е тренд не само кај нас туку и во други европски држави, но тие имаат други потенцијали да ги покријат недостатоците кои ќе настанат.

После изборите ќе видиме што ќе добијат и ќе променат оние кои белиот мантил ќе го заменат со костим.