Македонија
29. April 2024 - 16:39

Вработените во Фондот за здравство утре на протест

Вработените во Фондот за здравство утре точно во 11 излегуваат на протест. Главната причина за незадоволството кај работниците е неусогласувањето на платите со растот на минималецот. Првиот човек на УПОЗ, Трпе Деаноски, во изјава за Сител, тврди дека Управниот одбор на Фондот имал состанок во петокот на кој требало да донесе одлука за зголемување на платите за 2.600 денари, како и досегашниот бод за пресметка на плата да важи и од 1-ви јуни. Но одборот решил да ја одложи седницата за после избори. Според Деаноски недозволиво е да се чека новата влада да ги реши овие проблеми и затоа излегуваат на предупредувачки протест. Ќе настапат со три барања:

Усогласување со минималната плата, да се донесе вредносен бод и да се зачуваат тие плати што ги имаат вработените и она што ќе го побараме најстрого е веднаш да се разреши целиот управен одбор на фондот, да се донесат, односно именуваат, нови членови кои веднаш ќе заседаваат и ќе донесат одлука со која ќе се заштитат вработените во фондот за здравство“ – Трпе Деаноски, Претседател на УПОЗ

Истиот состав на Управниот одбор лани без проблем донел одлука за усогласување на платите, па на Деаноски не му е јасно зошто сега се комплицира. Вели дека целта на утрешниот протест е да се изврши притисок врз одборот веднаш да заседава, а ако нема слух за барањата, најави и други чекори.

Доколку не донесат одлука во најбрз можен рок, ние ќе го активираме штрајкот. Од 01.06 веќе зборевме може тоа да се случи и порано. Планираме секој ден, наредната недела по завршување на изборите, да протестираме по еден или два часа и тоа во сите подрачни единици на фонд за здравство ширум републиката“ – Трпе Деаноски, Претседател на УПОЗ

Вработените во Фондот штрајкуваа три дена во февруари и ги работеа само итните случаи.  Штрајкот беше ставен во мирување откако падна договор до крајот на мај платите да останат исти, односно да се пресметуваат по истиот бод како во декември лани, до крајот на мај годинава. Сега треба да се донесе нова одлука оти старата истекува, а ако не се донесе, никој не знае по кој бод ќе се пресмета платата и дали над 830 вработени воопшто ќе добијат плата.