Македонија
27. February 2019 - 11:22

Зголемена побарувачка за мартинки во Пијанечко

 Во Делчево зголемена е побарувачката на популарните мартинки. Цените и годинава се симболични, па така  најевтините мартинки кои и оваа година може да се купат, се по цена од 10 денари, додека најскапите се 50 денари. Според трговците не е важна цената, туку она што останало како традиција, а е поврзано со мартинките.

-Најмногу се купуваат мартинки од 10 до 20 денари, но има и такви кои сакаат да купат од 50 денари. Изборот на мартинки годинава е многу поголем. Најпосакуваните за децата се мартинките со нивните омилени херои, додека жените одбираат мартинки со одредени нијанси. Она што сепак исто така се бара се мартинките со порака на среќа, љубов и надеж, што всушност е и одраз на она што останало како традиција поврзано со доаѓањето на баба Марта, велат трговците.
 
Црвено-белите мартинки кои се направени од конец според народните преданија во Пијанечко најчесто се носат на рака во чест на месецот март и доаѓањето на пролетта. Најширокиот спектар на мартинки и годинава може да се најдат во центарот на градот каде љубезните продавачи со насмевка ги пречекуваат своите клиенти и ги праќаат со желба за многу среќа и здравје.