„Зери“: Продолжува парламентарната криза во Косово
Три дена по неуспешната конститутивна седница на Парламентот на Косово, косовските партии се уште стојат на своите ставови и не се очекува состанокот на шефовите на пратеничките групи предвиден за в среда, да донесе какво било конкретно решение за сегашната криза, ооценува денеска приштинскиот весник „Зери“.
Џавит Халити од Демократската партија на Косово (ПДК) изјави дека засега „не гледа никакво светло на крајот од тунелот“.
Во исто време Движењето Самоопределување и коалицијата ЛАА составена од Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Алијансата за ново Косово (АКР) и партијата Алтернатива, очекуваат дека пратениците на коалицијата ПАН составена од ПДК, Алијанса за иднината на Косово (ААК) и Иницијативата за Косово (НИСМА), ќе се вратат во Парламентот и ќе предложат кандидат за претседател на Собранието.
„Зери“ наведува мислења на неименувани аналитичари дека најдобро решение за излез од кризата е распишување на нови парламентарни избори, кои би се одржале заедно со локалните, што се закажани на 22 октомври.
Во меѓувреме, заменик претседателот на ПДК, Реџеп Хоти изјави дека само до утре важи понудата на лидерот на партијата Кадри Весели да ја повлече својата кандидатура за претседател на Парламентот, а за возврат Самоопределување и коалицијата ЛАА да гласаат за влада предводена од Рамуш Харадинај.
Поранешниот претседател на косовскиот Парламент и коосновач на Иницијативата за Косово (НИСМА), Јакуп Красниќи оцени дека сите партии се одговорни за ваквата состојба.
Тој додаде дека ако коалицијата на ПДК, ААК и НИСМА не успее од првпат да обезбеди доволно гласови за формирање на влада, вториот обид треба да му се овозможи на секој кој би имал 61 глас.
Косовските партии во петокот, вториот ден од конститутивната седница на Парламентот не успеаја да изберат претседател и пет потпретседатели. Уставниот рок за конститутирање на Парламентот истекува денеска.
Ново на Сител
-
Штипјанка пронашла делови од човечко тело за кои претпоставува дека се на нејзината мајка
-
Почина маж по пад од дрво, приведена неговата невенчана сопруга
-
АА: Братството со Србија го откри вистинското лице на оваа Влада
-
Ердоган: Нетанјаху ќе биде запрен како Хитлер
-
Царинската управа ќе работи на воспоставување на нов граничен премин Клепало
-
Музиката може да поттикне побрз раст и развој на растенијата
-
Јаневска: До крајот на мандатот услови за едносменска настава во сите училишта и ангажирање на 3000 вишок наставници
-
Фудбалски тим од третата грчка лига останал без опремата додека со траект патувал од Крит за Атина