Земјоделци од Струмичко кандидати за грант за агроеколошки мерки
Производители на пиперки и домати од регионот на Струмица, Ново Село, Василево и Босилово синоќа беа дел од обуката за земјоделци - кандидати за грантови за воведување агроеколошки мерки што се одржа во Домот на АРМ во Струмица.
Во обуките кои ќе траат до октомври годинава се вклучени 60 земјоделски производители, а од нив ќе бидат избрани дваесет градинари од Струмичко и 10 производители на сливи, јаболка и круши од регионот на Радовиш и Конче кои ќе добијат грант од 300 илјади денари за примена на агроеколошките мерки преку проектот за управување со сливот на реката Струмица, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Според организаторите, учесниците во обуката ќе поминат интензивен теоретски и практичен дел, а ќе бидат избрани оние кои успешно ќе го положат тестот на знаење.
Изборот на кандидатите ќе се изврши според претходно дефинирани критериуми, вклучувајќи и стручна проценка на придонесот на насадите и предвидените мерки кон заштитата на водните ресурси во сливот на река Струмица.
- Од наредната производна сезона, добитниците на грантовите, под надзор на стручни тимови ангажирани од страна на УНДП, ќе го обработуваат земјиштето и ќе вршат заштитата на културите според новите агроеколошки мерки. На крајот од сезоната ќе се споредуваат постигнатите резултати по новите и старите методи на производство, изјави Димитрија Сековски, раководител на проектот.
Сековски вели дека оваа промена на земјоделските практики ќе придонесе за зголемување на приносите и намалување на примената на агрохемикалиите и водата за наводнување, со што директно ќе се намалат производните трошоци, како и влијанието врз животната средина.
Поддршката за земјоделците ќе биде преку набавка на современа земјоделска опрема, како што се системи за микронаводнување, уреди за следење влажност во почвата, системи за фертиригација, опрема за следење на појавата на болести и штетници,...
За сите избрани земјоделски површини ќе се направат детални почвени анализи, врз основа на кои ќе се изработуваат програмите за наводнување и исхрана на културите. Идејата на програмата е избраните пилот фарми да станат пример за современо и одржливо земјоделско производство, што ќе може понатаму да се пресликува на многу поголема земјоделска површина во сливното подрачје.
- Проектот за управување со сливот на река Струмица има за цел да воведе сеопфатни мерки со кои значително ќе се подобри еколошкиот статус на водните тела и целокупното сливно подрачје. Во партнерство со локалните земјоделски производители, ќе се спроведат активности за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство во регионот и намалување на неговото влијание врз животната средина, преку воведувањето на современи, агроеколошки мерки, објасни Сековски.
Ново на Сител
-
Работниците ширум Европа и Азија бараат поголеми работнички права на првомајските демонстрации
-
Почнува уписот на првачиња за учебната 2024/2025 година
-
Максим дебитираше во ВАКО-ПРО со победа
-
Извонредна организација на АФН-9 ВАКО-ПРО кик бокс настанот во Скопје
-
ДС: Само силен синдикат е гарант за работничките права
-
Притвор од 30 дена за жител на Сопиште, пронајдена дрога во неговиот дом
-
Ковачевски: Нека ни е честит 1 Мај, СДСМ секогаш била на страната на работниците
-
Мицкоски: Работничките права се прекршени, државата не води грижа за тие кои се р`бетот на економијата