Македонија
11. March 2017 - 19:51

Здружението „Нефрон“ во посета на фирмата „Ронтис“ од Велес

По повод Светскиот ден на бубрегот, 9 Март, членови на Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ од сите 22 подружници од земјава, денеска беа во посета на велешката компанија „Ронтис“. Имаа средба со раководниот тим и вработените, а се запознаа и со производствениот процес на крвни линии за хемодијализа кои тие ги користат во своето лекување.

 
- Здружението НЕФРОН ја добива и во иднина ќе ја добива нашата поддршка бидејќи сме поврзани. Ние  правиме  секојдневни напори за подобар квалитет на нашето производство, за поуспешно лекување на овие лица и нивен подобар живот. Нашето годишно производство е шест милиони крвни единици за хемодијализа од кои помал дел се за македонскиот пазар, но главно го пласираме на големите пазари во Германија, Данска и други земји од ЕУ, информира Љубица Јаневска одговорна за човечки ресурси во „Ронтис“.
 
Претседателот  на Нефрон, Душко Ѓорѓив се заблагодари за успешната соработка со менаџерскиот тим на „Ронтис“. - Им благодариме за напорите за подобар квалитет на крвните линии за хемодијализа, за поквалитетно лекување на нашите пациенти, потенцира Ѓорѓиев.
 
Тој потсети дека „Нефрон“ е формирано пред 14 години. Од поранешниот еден Центар за хемодијализа во Струга, со своите активности придонеле за побрзо формирање 22 центра од кои пет во Скопје, а останатите 16 во исто толку градови низ Македонија. Годишно на хемодијализа три пати неделно одат околу 1.300 до 1.500 болни во земјава.
 
Според Ѓорѓиев, до пред две три години во Македонија се вршела трансплантација на бубрег на околу 120 пациенти годишно, со што се намалил бројот на пациенти. Но, сега, рече, трансплантацијата е сведена на минимум и се врши во Турција или други земји.