Македонија
15. July 2024 - 16:33

Здравствените работници и здруженија бараат расчистување на случајот со бебето а не осуда без докази

Се уште нема епилог од Комисијата на Детска која треба да утврди дали медицинската сестра од одделот за имунилогија намерно го повредила тримесечното бебе од Сарај, како што обвини семејството. Иако беше најавено за денеска, од клиниката не кажуваат дали воопшто има формирано вакво стручно тело и каде треба да даде исказ  сестрата.

И додека се чека на расчистување на случајот, продолжуваат реакции на здравствени работници и здруженија кои реагираат дека нема медицинско лице  кое сака да наштети на пациент. Бараат прво докази за вина а потоа се по ред – и казни и санкции. Настаните будно ги следи и Унијата на медицински сестри .  

-Нашиот повик од име на Унијата е сите релевантни институции да го завземат својот став со расчистување на случајот што побрзо. Вакви нерасчистени случаи и вакви недокажани случаи на нашата сестринска професија не смеат да фрлаат никаква дамка, вели Гордана Бешлиовска, претседател на Унија на здруженија За Нас.

Веднаш да се донесе закон за правата и заштитата на здравствените работници, бара професор Нико Беќаровски.  

-Ако навистина има таков #МОНСТРУМ во нашите редови, најстрого да се казни, НО АКО ова е само уште една политичка пресметка за создавање непотребни меѓуетнички тензии, #НАРАЧАТЕЛИТЕ јавно да се жигосаат.

Денес "жртва" е медицинска сестра на Педијатрија, но утре може да биде секој од нас, пишува Беќаровски на фејсбук.

Вчера, медицинската сестра од Детска доби поддршка и од Синдикатот на Клинички чиј член е, од каде побараа надлежните да го расчистат случајот и да не се обвинува никој пред докажување на вина.

Откако семејството обвини за повреди кај бебето од здравствен работник и ја напуштиле клиниката на свое барање иако требало да останат уште неколку дена, веднаш на посета кај нив во Сарај отиде министерот за здравство.

Иако случајот беше обелоденет уште пред неколку дена, досега не е поднесена пријава во МВР ниту пак претставка за нестручен третман на Клиниката за детски болести.