Македонија
19. August 2024 - 16:48

Опозицијата обвинува дека Гаши по невеста во Косово отишол незаконски - За власта вториот човек во државата има право на службено возило

Незаконски и неетички - бура реакции кај опозицијата предизвикува посетата на собранискиот спикер Гаши на свадба во Косово со службено возило и обезбедување. На видео снимка која беше објавена се гледа како македонски службени возила се во свадбарска колона на Косово. Дополнително излегоа информации дека во саботата кратко во прекин бил и граничниот премин кон Косово, со цел спикерот да помине побрзо.

- Дали знае дека е понижување за државата, вториот човек по ранг да оди по свадби и по невести со службено возило во соседни држави? Свесен ли е Гаши воопшто за важноста и достоинството кое треба да го носи позицијата Претседател на Собрание или го смета тоа за приватна своина? Понатаму го прашуваме Мицкоски, до кога ќе ги гази сопствените ветувања? Зошто го убедуваше народот дека секој политичар од неговата Влада кој се однесува непримерно и несоодветно ќе биде сменет? Или тоа не важи за албанскиот коалициски партнер на ДПМНЕ? - изјави Кузеска.

Од Левица пак велат, одењето по невеста со службеното возило во Косово е само плус причина ВМРО-ДПМНЕ да ја прифати веќе поднесената интерпелација за спикерот. 

 „Функционерските привилегии се стимулатор на расипничко однесување на функционерите, без разлика дали се избрани или именувани. Нивната секојдневна злоупотреба беше извор на проблеми во претходната Влада, но истото продолжуваат да го прават и функционерите од новиот владин состав Дивеењето на коалицискиот партнер на Мицкоски и ДПМНЕ е евидентно уште од конститутивната седница!“, коментираат од Левица од каде бараат укинување на сите функцинерски привилегии.

За владеајчкото мнозинство нема злопотреба. Од коалицијата Вреди велат дека спикерот имал право на граничен премин да помине на „брза лента“, но немаат информации дали привилегијата ја искористиле и други со приватни возила кои оделе на истата свадба. Движењето во колона пак, според Вреди е дел од свадбените обичаи.

Носител на позиција каква има Африм Гаши е проследена со задолжителен протокол и постојана придружба, сметаат и од коалициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Спротивната ситуација, немањето на придружба и необезбедувањето претставува прекршок за санкција. Дали според СДС требало да се прекршат законите во случајот на Африм Гаши? Оваа држава има институции. СДС тоа тешко го сфаќа зошто во нивно време министрите во работно време играа фудбалчиња во кабинет, полицајци се удираа во пајаци, во присуство на Ахмети се пукаше со калашникови, а Оливер Спасовски делеше пасоши на мафијаши“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според владината Уредба за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, претседателот на Собранието е еден од функцонерите кои „од страна на МВР со редовни, вонредни и посебни мерки и активности постојано се обезбедува“.

Од Собранието и вчера тврдеа дека спикерот, иако на 17 август заминал во Косово со неговото семејство на приватен настан- свадба, законски користел службено возило и обезбедување. Денеска појаснуваат дека патниот налог за Косово, до МВР и МНР Гаши го испратил на 16 август, но за детали околу безбедносниот протокол кој го коистел спикерот упатуваат на МВР.

Од таму пак, се уште стојат на ставот дека се вршат соодветни проверки. Засега од МВР нема одговор ни за тоа дали привилегијата на „брза лента“ на граничниот премин ја искористиле и приватни возила блиски на Гаши и дали има нарушување на безбедносниот протокол со тоа што службените возила се во свадбарска колона. 

Ова е втор настан поврзан со спикерот Гаши кој предизвикува реакции во јавноста за помалку од еден месец. Пред три недели тој го испрати неговото обезбедување на скопскиот аеродром бидејќи тамошните служби сакале да го прегледаат багажот на косовската претседателка Османи. МВР утврди дека шефот на обезбедување на Гаши не смеел да се заканува со пиштол за што заработи и кривична пријава. Одговорност на Гаши не беше утврдена.

Спикерот неколку недели претходно пак, во Собрание по повод настан за одбележување на масакрот во Србреница изврши молитвен обред иако секуларноста е уставна категорија.