Здравствениот туризам на Турција ќе биде презентиран на Саемот за туризам во Скопје
Можностите во областа на здравствениот туризам во Република Турција ќе бидат презентирани на турскиот штанд на 6.Меѓународен саем на туризам, кој почнува утре во Скопје.
Советникот за култура и информации при Амбасадата на Република Турција во Скопје, Хакан Озчелик денеска на прес-конференција рече дека здравствениот туризам е во голем подем низ целиот свет, а Република Турција со своите капацитети има потенцијал да нуди одлични услови и можности во областа на здравствениот туризам.
- Ќе бидат презентирани разните видови услуги и можности кои се нудат во здравствениот туризам, како што се разни хирушки интервенции, трансплантации и хотели за нега на возрасни лица, рече Озчелик.
Посочи дека годинава на штандот ќе ги претстават Памукале, Денизли, Чанакале, Бодрум.
- Вкупно 41,5 милиони туристи во 2015 година ја посетија Република Турција. Секоја година има се поголем број граѓани на Република Македонија кои ја посетуваат Турција. Во 2013 година имаше 135.000 туристи од Република Македонија, во 2014 година - 145.000 туристи, а во 2015 година - 160.000 туристи, рече Озчелик.
Нагласи дека Република Турција е една од најбезбедните земји за туристите од светот.
- Неколку исклучоци не може да влијаат на овој имиџ. Република Турција ги има преземено сите мерки на највисоко ниво во пресрет на почетокот на туристичката сезона и во таа насока овозможува врвна безбедност за сите туристи кои ќе ја посетат, додаде Озчелик.
Унал Хулур, претставник на Регионалниот директорат на Министерството за здравство на Турција, истакна дека во градот Анталија има 14 државни и 26 приватни болници, како и две универзитетски болници.
Потенцира дека во тие здравствени институции се нуди врвен квалитет на услуги, а цените се поприфатливи во споредба со конкурентските земји, региони и градови.
- Имаме болници кои се опремени со најквалитетна опрема и професионален кадар. Особено во областа на трансплантација на органи, на естетски операции и други здравствени услуги, можам да кажам дека веќе сме го достигнале врвното ниво и сме многу понапред во споредба со нашата конкуренција, имајќи ги предвид и можностите од туризмот кои се нудат. На корисниците им се нуди пакет од врвни здравствени услуги, а имаат можност и да уживаат во природните убавини на градот, рече Хулур.
Садетин Дикмен, претставник на Агенцијата за развој на западно-средоземниот регион која функционира во рамки на Министерството за развој на Република Турција, рече дека градот Анталија заедно со Истанбул се центри на здравствениот туризам во Република Македонија.
Во Анталија, посочи, годишно за здравствени услуги престојуваат 200.000 до 300.000 посетители, а вкупниот број лица кои добиваат директни здравствени услуги е 10.000 годишно.
Нагласи дека нудат реални цени за кои корисниците добиваат врвни услуги.
- На пример во областа на вештачкото оплодување ако во Америка цената се движи од 15.000 до 16.000 американски долари, во Анталија таа изнесува од 2.600 до 3.000 долари. Исто така, операција на око и трансплантација на органи се прават за многу поприфатливи цени кои се за една третина пониски од конкуренцијата, Во Анталија првпат е направена трансплантација на матка од мртов донор и вештачко оплодување, како и трансплантација на две раце и нозе, додаде Дикмен.
Изрази надеж дека граѓаните на Македонија и од регионот ќе покажат интерес за нивните промоции и можностите кои ги нудат.
Ново на Сител
-
Путин му честиташе на Трамп
-
Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ
-
Бислимоски: Се уште е прерано да зборуваме каква ќе биде цената на електричната енергија по 1 јануари
-
Сменетиот израелски министер за одбрана: Нема причина армијата да остане во Газа
-
Доделени околу 80 отсто од ваучерите за купување инвертер клими
-
Лукашенко помилува 31 затвореник осудени поради „екстремизам“
-
Бајден вети мирен трансфер на власта
-
Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување