Завршена првата фаза од реконструкцијата на одделенијата во Специјалната болница по хируршки болести во Скопје
Во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје (стара градска болница) завршена е првата фаза од реконструкцијата на одделенијата.
Градежните зафати од реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид се комплетирани до 80 отсто од целосното реновирање, а во процес е и изградбата на новата Клиничка болница во Штип, соопшти Министерството за здравство.
Од Министерството за здравство информираат дека повеќе клиники и оддели во здравствените установи добиле подобрени услови за работа.
– Хируршките сали на Клиниката за ортопедија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се комплетно реновирани, а во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир се реновирани двете гинеколошки операциони сали првпат по четири децении. Реновирани се одделенијата и на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, Универзитетската клиника за хематологија, Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, како и одделот за интензивно лекување на Универзитетската клиника за неврохирургија, соопшти Министерството.
Оттаму велат дека во процесот се опфатени и здравствените установи во другите градови, како Здравствениот дом Велес каде комплетно е обновена службата за Итна медицинска помош, а во Општата болница во Куманово е отворен новиот Ургентен центар, комплетно нов објект изграден од темел.
До крајот на годината, како што соопшти МЗ, ќе почнат работите и на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје.
– Во периодот што следи уште 34 јавни здравствени установи во државата ќе бидат опфатени со активности за реновирање и подобрување на општите услови за работа. На Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) веќе е почната постапка за набавка со која ќе биде опфатено комплетно молерисување на сите внатрешни простории, поправка и репарирање на внатрешни врати и прозорци, замена на ѕидни и подни плочки и замена на галантерија во тоалети, како и набавка на нови болнички кревети и телевизори во болничките соби, наведуваат во соопштението.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ
-
Годишнина од заседата кај Ваксинце
-
Христијаните го празнуваат Велики петок
-
Обичаи и верувања за Велики петок
-
Дали и кој ќе им ги врати парите на граѓаните кои платија поскапо осигурување за регистрација на возилата?
-
Дали Токсикологија е одраз на функционирањето на здравствениот систем?
-
Македонија на 36-то место на индексот за слобода на медиумите за 2024 година на „Репортери без граница“
-
Тивок бојкот или уште поголема излезност? Мицкоски уверува дека цензусот за Силјановска е обезбеден