Заложничка драма во Прилеп
Вработените во Центрите за социјална работа во повеќе градови низ Македонија излегоа на протест по немилиот настан каде што вчера во Прилеп беше пукано со пиштол во нивна колешка додека таа се наоѓала на работното место.
Бараат итни системски промени со кои нападот врз вработен во Центар за социјална раобта ќе се третира како напад врз службено лице, построги санкции за насилниците, физичко обезбедување на Центрите, психосоцијална поддршка за вработените кои биле изложени на насилство, како и унапредување на условите за работа.
Побараа и осуда за говорот на омраза кој вчера го имаше во огромна мерка кон нивната колешка на социјалните мрежи од страна на одредени граѓани.
„Вработените во Центрите за социјална работа секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме. Од ова место сакаме да изразиме силна осуда на говорот на омраза кој што континуирано се случува а ескалираше во вчерашниот ден на социјалните мрежи. Таквиот говор на омраза само ги охрабрува сите оние кои мислат дека се незадоволни и може да придонесе за ново насилство во било која институција“, истакна Марко Спиркоски, вработен во Центар за социјална работа Прилеп.
Од Центарот за социјална работа Прилеп пак денеска истакнаа и тоа дека не биле известени од Психијатриската болница во Демир Хисар за бегството на пациентот кој што бил сместен таму и е директно поврзан со дело и закани кон повредената социјална работничка кон која беше пукано, а која претходно била дел од бракоразводна постапка на сторителот на ова дело.
„Јас не добив никакво известување дека е избеган за да ние го подигнеме нивото на подготвеност и очекуваните можни сценарија бидејќи знаевме и колешката во континуитет пријавуваше бидејќи тој и приватно, после работно време и се закануваше, за тоа си има податоци во МВР. За жал ние не бевме известени и кога јас лично го видов се изненадев затоа што мислев дека тој е се уште во Демир Хисар во болницата. Се обидов вчера да го контактираме директорот на Психијатриската болница во Демир Хисар, но не ми се јави човекот, незнам ниту дали е тој бројот“, вели Зоран Малкоски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.
Инаку А.Ј. успеал да избега при спроводот од Демир Хисар до Основниот суд во Прилеп, каде бил донесен на 20-ти овој месец за сосема друго претходно дело.
„Полициски службеници од ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршија проверки во Психијатриската болница Демир Хисар и на разговор биле повикани повеќе лица. Исто така, се вршат проверки како А.Ј. успеал да избега при транспортот од психијатриската болница до Основен суд Прилеп и на кој начин дошол до оружјето“, изјави Сања Стаматовска, портпарол на СВР Битола.
Инаку вчера во Центарот се одвивала вистинска драма, а случајот можел заврши уште потрагично затоа што сите вработени мислеле дека А.Ј. носи само пиштол плашливец со ќорци.
„Се боревме на некој начин со сторителот, тој цело време имаше пиштол во раката, но јас сметав дека не е вистински пиштол. Успеав да го донесам во мојата какнцеларија да го неутрализирам за да го донесам до ѕидот позади мене, тој за жал испука и тука куршуми, јас бидејќи бев свртен со грбот кон вратата не видов дека колешката која е повредена во тој момент поминала од тука и незнам како е таа повредена и во кој момент е повредена“, додаде Малковски.
Повредената социјална работничка е надвор од животна опасност и се наоѓа во прилепската болница. Осомничениот А.Ј. од Прилеп денеска е изведен пред судија на претходна постапка, а обвинителството побарало 30 дена притвор за обид за убиство и нелегално поседување оружје.
Ќе се испитува и тоа како и каде А.Ј. им избегал на вработените од болницата кои го спроведувале во Прилеп.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар