Македонија
27. March 2025 - 16:33

Пластични хирурзи апелираат за мелемите за изгореници кои се нудат на социјалните мрежи – не знаеме дали се стерилни!

Четворица пациенти од трагедијата во Кочани кои се на лекување во странски медицински центри се уште се во критична состојба, но малку подобри од вчера. Осуммина пак, кои 10 дена беа во болници во Хрватска, Австрија, Белгија и Турција денеска ги враќаат во земјата. На домашно лекување заминуваат и 9 повредени кои беа хоспитализирани во македонските здравствени установи по претходно направени токсиколошки и психолошки анализи.

На медицински третман остануваат 15 во земјата и 100 во странство.

-Сѐ повеќе добиваме податоци за пациенти, кои се екстубирани, кои се префрлени на одделение за лекување или за кои се планираат наредните денови операции од пластични хирурзи, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Повеќе од 50 пациенти веќе се на домашно лекување и наместо на 2-3 дена да доаѓаат за преврски во Скопје, тимови од лекари ќе одат во Кочани. Вчера веќе направиле увид во кочанската болница и утврдиле дека услови имаљ – но нема доволно кадар и материјали. Затоа освен повеќе тимови ќе носат и се што треба за преврска на изгореници. Пластичните хирурзи со апел и за препаратите за изгореници кои се нудат по социјалните мрежи.

-Вчера некој ми потспомна дека има некои мелеми кои се продаваат на социјалните мрежи. Не знаеме од какво потекло се и дали се стерилни или не. Да апелирам, затоа и со министерството за здравство се овие доктори кои ќе одат во Кочани за да бидат правени преврски во стерилни услови и со стерилни инструменти, вели Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директор на Клиника за пластична хирургија.

По денешните исписи, на медицински третман во македонските болници  остануваат 15 пациенти и 100 во странски медицински центри.