Македонија
12. September 2024 - 20:39

Законот за заем од Унгарија утре на седница на Комисијата за финансирање и буџет

Во Собранието за утре е закажана седницата на Комисијата за финансирање и буџет, на чиј дневен ред е Предлог законот за задолжување со заем кај Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, по скратена постапка.

Седницата, како што е објавено на собраниската веб страница, ја закажа претседателот на Собранието Африм Гаши, откако претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска одби да ја закаже седницата. Со седницата ќе претседава пратеникот Бојан Стојановски. 

- Согласно членот 126 став (3) од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија со четвртата седница на Комисијата за финансирање и буџет ќе претседава членот на Комисијата, пратеникот Бојан Стојаноски.  Во случај на спреченост на членот на Комисијата за присуство на седницата, потребно е навреме да го известите претседателот на Собранието на Република Северна Македонија и претседавачот со оваа седница на Комисијата и да определите заменик од редот на замениците членови на оваа Комисија, стои во објавата.

Пратениците на СДСМ бараат да се повлече законот за заем од Унгарија по скратена постапка и тој да се носи во редовна постапка и да се организира дебата со вклучување на експертската јавност. Предлог законот, како што изјави денеска лидерот на партијата Венко филипче, е коруптивен и земјата се става во должничко и политичко заложништво кон Унгарија.

- Во услови кога за првпат државата се задолжува директно од некоја друга држава, кога не постојат јасни критериуми и механизми за распределба на земените пари, кога не постои јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите, кога нема јасни одредби во законот кои тоа го гарантираат, кога има точки каде се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени за СДСМ е крајно недозволиво да се носи овој закон по скратена постапка, рече Филипче.