Македонија
12. February 2021 - 17:09

Зајкова: На повидок е прифатливо решение за државната матура

Двете предлог-решенија за државната матура кои беа изложени пред средношколците, во писмено образложена форма ќе бидат пратени и до Министерството за образование и наука и Владата и се надеваме на позитивен одговор, изјави пратеничката од ЛДП Моника Зајкова откако денеска на дебатата што ја организираше парламентарниот Клуб на младински политики беа понудени две опции – матурантите да полагаат два екстерни испита, а за интерните да добијат просечна оценка од четирите години во средно образование или да ги полагаат предметите по скратени програми.    

Зајкова истакна дека ова е пример за компромисно решавање на општествените проблеми, во Собранието се слушнал гласот на средношколците, а низ дебатата се наметнало оптимално решение за кое се надева дека ќе биде прифатливо за учениците, за Сојузот на средношколците, за МОН и за Владата.    

– Предлогот опфаќа две опции, првата претпочита матурантите од предвидените четири предмети да ги полагаат само двата екстерни, додека за интерните предмети да им биде впишана просечната оценка од четиригодишното школување. Другата опција опфаќа да се полагаат два екстерни предмета како што бараат матурантите, и два интерни, но со соодветно скратен обем. Скратувањето произлегува од претходно скратената настава поради КОВИД- кризата, неможноста соодветно да се следат предавањата и, како што тврдат средношколците, поради оскудните техничките услови на дел од нив, рече Зајкова.    

Претседателот на Сојузот на средношколците Бленди Ходаи изјави дека за нив е прифатлива првата опција, но конечна одлука ќе донесат по состанок со членството.    

– За два интерни предмета ќе треба да се напише просечна оценка од минатите четири години во средно образование. Ќе дискутираме во Сојузот и ако тоа се прифати, ние ќе пратиме образложена форма до Владата и до пратениците, изјави Ходаи.  

Во понеделникот, Сојузот го прекина привремено бојкотот во очекување одлука во Собранието каде што е доставен Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средно образование, а во вторникот на нивно барање имаа средба со премиерот Зоран Заев на која разговараа за измени на концептот на државната матура.