Македонија
2. August 2018 - 8:52

Заев и Борисов заедно на Илинден во Благоевград

Македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска во Благоевград заедно ќе ја одбележат 115-годишнината од Илинденското востание, соопшти владината прес-служба.

Двајцата премиери ќе учествуваат на церемонијата на положување венци и цвеќе на споменикот на Гоце Делчев, на плоштадот „Македонија“ во Благоевград. 

Ова ќе биде втора заедничка прослава, по потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и соседство меѓу Република Бугарија и Република Македонија пред една година.

На одбележувањето на годишнината ќе присуствуваат и министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, како и вицепремиерот и министер за одбрана на Република Бугарија, Красимир Каракачанов.