Заев: Денешниот ден нé повикува да го одбележиме извонредното историско-културолошко и епохално просветителско значење за Европа, светот и Република Северна Македонија
Владата на Република Северна Македонија денеска организираше свеченост по повод Денот на сесловенските просветители и учители, Св. Кирил и Методиј, во Националната филхармонија во Скопје.
Настанот го отвори претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој им го честита на сите присутни големиот државен празник.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев:
„Дозволете ми, сосема накусо, да го посветам ова мое обраќање во чест на исклучителното големо, историско дело, на Светите браќа Кирил и Методиј.
Темелот на тој културолошки процес бил создавањето на првата азбука – глаголиц ата. Константин Философ, кој подоцна го добива монашкото име Кирил, за основа на создавањето на првото словенско писмо, глаголицата, ги зема говорните карактеристики на словенско население на територијата на Македонија, во околината на родниот град на Светите браќа Кирил и Методиј – Солун.
Ова ново писмо, благодарение на исклучителниот лингвистички сенс на неговиот креатор Свети Кирил, верно ги предава словенските фонетски особености, а истовремено им дава длабок печат на христијанските симболи.
Намерата на нивната мисија е Библијата да биде достапна за сите Словени. Нивната мисија тогаш имала наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога.
Нивната мисија ја имала и целта преку писмо разбирливо за словенските народи да се организира заедништвото во црквата како суштинска карактеристика на христијанската вера.
Со преведената Библија, во ракопис, Светите браќа Кирил и Методиј прво ги извршуваат мисиите меѓу Сарацените и Хазарите.
Подоцна, на повик од царот Ростислав заминуваат во Моравија и таму го распространуваат и утврдуваат христијанството на старословенски јазик сосема разбирлив за тамошното население. Ја развиваат препишувачката школа во тогашните манастири и ги умножуваат книгите за да им ги остават на свештениците за да ја продолжат нивната мисија.
На повик од папата заминуваат за Рим, каде што Кирил се разболе и умира, на 14 февруари 869 година.
Методиј се враќа во Моравија и до смртта се посветил на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт, на 6 април 885 година, неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент Охридски како епископ, го преминуваат Дунав и се враќаат меѓу јужните Словени и Словенски народи и ја основаат Преславската книжевна школа.
Климент е испратен во областа Кутмичевица, на југ во Македонија, каде што во Охрид ја основа Свети Климентовата Охридска школа на ниво на прв Универзитет во Европа.
Неодамна, за време на првата историска посета на еден Папа на нашата земја, Папата Франциск, имавме можност уште еднаш да се потсетиме на епохалното значење на појавата и на мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј.
Во својата енциклика, послание, од 31 декември 1980 година, со која Папата Јован Павле ги прогласува Светите браќа за патрони, заштитници, на Европа, светиот отец кој по својата смрт е беатификуван во редот на светите ликови на Католичката црква, пишува дека оваа своја одлука ја донел од три причини:
Прво, заради јубилејот 11 века од писмото на Папата Јован Осми, кој ја одобри употребата на старословенскиот јазик и писмо, утврдени од Светите браќа Кирил и Методиј, како јазик и писмо на кој се дозволи да се одржува светата литургија меѓу словенските народи;
Второ, во чест на стогодишнината од одлуката на Папата Лео Тринаесетти со која тој го прошири култот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј меѓу сите христијани, без разлика на која деноминација и припаѓаат; и
Трето, во чест на ветувачкиот теолошки дијалог меѓу Католичката црква и православните Цркви на островот Патмос, кој се одржа токму во 1980 година, во истата година кога Светите Кирил и Методиј беа прогласени за патрони, за заштитници на Европа.
Овој чин, само потврди дека мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничкитe допирни точки не нè делат, туку нè поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира.
Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека почитувањето на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест, е обединувачки фактор толку значаен за нашата современост и иднина.
Нека ни е честит и вековит 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј!
Ново на Сител
-
Тема на денот со Биљана Митева, претседател на Македонско-Бугарска Стопанска Комора
-
Масовни протести во Белград по несреќата во Нови Сад: Српските служби ја продолжуваат истрагата
-
Расчистено убиството во Арачиново
-
Ризик од корупција и судир на интереси во Академијата за судии и обвинители?
-
Бизнисот на удар од корупцијата
-
Инспекторите ги чешлаат универзитетите
-
Се позачестени несреќите на планина
-
Виртуелна прошетка низ Трескавец