Македонија
7. September 2017 - 20:35

Заев: Да продолжиме заедно да ја градиме Македонија

Да продолжиме заедно да ја градиме Република Македонија во едно општество за сите, низ меѓусебна почит и разбирање затоа што само заедничката среќа е среќа, им порача вечерва премиерот Зоран Заев на граѓаните на централната прослава организирана по повод Денот на независноста на Македонија - 8 Септември.

Во обраќањето, премиерот Заев нагласи дека Република Македонија повторно има одговорни политичари кои знаат што им е потребно на граѓаните, но оти има и свесни граѓани кои знаат што и е потребно на државата.

- Но, како премиер кој ја доби честа од вас да води, ве повикувам, да чекориме заедно. Тогаш кога сме потполно слободни, ние сме пред најголемата одговорност што ќе избереме. Повикувам на одговорност од секој и на силна поддршка да ги продолжиме демократските процеси во интерес на евроатлантската иднина на Република Македонија, истакна Заев. 

заев обраќање

Тој нагласи дека Македонија, а со тоа и сите граѓани, се пред момент што не се испушта и за којшто е неопходно да се покаже повторно зрелост.

- Очите на цела меѓународна јавност ги свртевме кон нас со тоа што на мудар и трпелив начин, од земја генератор на криза, Република Македонија ја претворивме во мотор на развој на регионот. Сега имаме отворен пат за напредок преку подадените раце за членство во Европската унија и во НАТО од земјите пријатели на Македонија. Постојат реални можности Македонија да добие чиста препорака, а потоа и датум за преговори со Европската унија. Реални се надежите и дека Република Македонија може да биде 30. членка на НАТО, потенцира премиерот Заев.

Клучен тест, според него, се и локалните избори за кои, како што рече, првпат по 11 години нова демократска Влада ќе организира и спроведе избори. - Цврсто сме определени да организираме и спроведеме фер, демократски и регуларни избори, со нула толеранција за евентуални злоупотреби, нагласи премиерот Заев.

Важни се, како што посочи, и реформите и развојот на добрососедските односи и регионаланата соработка.

Централната прослава по повод Денот на независноста под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“ се одржува пред Владата на Република Македонија.