Балкан
24. September 2022 - 8:52

Вучиќ и Лавров се сретнаа во Њујорк, Србија нема да гласа за исклучување на Русија од Советот за безбедност на ОН

Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на 77. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.     

Вучиќ пред средбата со шефот на руската дипломатија на новинарско прашање го коментираше ставот на Белград во однос на антируските санкции.

-До сега немаше никакви санкции и се надевам дека нема да ги има, рече Вучиќ на руски.

„Денеска разговарав со министерот Лавров и ја повторив решеноста на Србија да ги почитува Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и се заблагодарив за поддршката за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија. Се разбира, разговаравме и за севкупните билатерални односи“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил „будучностсебијеав“.

Претседателот на Србија пред српските новинари во Њујорк говорејќи за неговата активност во ОН изјави дека е речиси сигурен дека западните сили ќе се обидат да ја исклучат Русија од Советот за безбедност на Обединетите нации. -За тоа е потребно двотретинско мнозинство.

Србија нема да гласа за тоа, рече Вучиќ. Според него, тоа би било рушење на постоечкиот меѓународен поредок. -За тоа им е потребно Кина да биде воздржана или да не стави вето, објасни Вучиќ „Тоа не е ниту далеку ниту невозможно, и наголемо се разработуваат плановите по ова прашање. И тоа е катастрофа за нас, барем што се однесува до Косово.

Пред нас се тешки времиња и голем товар, изјави Вучиќ. Тој кажа дека разговарал со шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, и дека се надева оти Србија ќе постигне нов стенд- бај аранжман со ММФ, кој вклучува финансиски средства и посочи дека тоа ќе значи дополнителна сигурност за купување на енергетски производи, особено на електрична енергија.

-Поминав долго време разговарајќи со Георгиева за правење на стенд-бај аранжман.

Важно е да создадеме поголем финансиски бафер за да се обезбедиме за зимата. Би ја цитирал она што ми го кажа, а тоа е дека оваа зима ќе биде многу тешка, а следната уште потешка, рече Вучиќ на крајот од посетата на Њујорк, каде што зборуваше на Генералното собрание на ОН.