Loading Video...
Балкан
18. December 2023 - 12:29

Вучиќ ги доби изборите во Србија

Српската напредна партија оствари апсолутна победа на парламентарните избори во Србија. Од преброени 95,2 проценти од гласовите, листата предводена од претседателот Александар Вучиќ, Србија не смее да запре, освои 46,3 отсто од гласовите или 127 мандати.

На второ место е Србија против насилство, со 23,6 отсто или 65 мандати.

Третата позиција и припадна на коалицијата на СПС со 6,6 отсто или 18 мандати. Коалицијата НАДА освои 4,9 отсто или 13 мандати, додека листата предводена од Д-р Бранимир Несторовиќ, Ние гласот на народот стигна до 4,8 отсто од гласовите, односно 13 мандати.

СНС прогласи победа и на покраинските избори во Војводина, а истата листа освои најмногу гласови и на локалните избори за Белград, но сеуште не се знае кој ќе ја има власта во главниот град, бидејќи ниту една партија нема доволно мандати.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакна дека новата српска Влада веднаш ќе се фати за работа, за да го надополни изгубеното време поради кампањата. Од коалицијата Србија против насилството пак изјавија дека нема да ги прифатат изборните резултати и на државно ниво и во градот Белград.

Клучот за преземање на власта во Белград е кај листата Ние народот, предводена од д-р Несторовиќ, која освои 6 мандати во градското собрание. Тој веднаш најави дека нема да коалицира со ниту една партија.

Првиот човек на СПС, Ивица Дачиќ пак најави оставка од претседателското место во партијата, поради слабите резултати на изборите.

Од опозицискиот блок предводен од листата Србија против насилство најавија протести во Белград, денеска од 18 часот.