Македонија
5. October 2016 - 13:01

Во Виница промовирана нова книга од едицијата „Македонска афористична ризница“

„Сатирично ќоше“ е новата сатирична Библиотека, која ќе работи во состав на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, чиј фонд од синоќа е збогатен со уште едно ново трето по ред печатено издание во рамки на едицијата „Македонска афористична ризница“.

Креатори на книгата чиј издавач е Домот на културата “Тошо Арсов“ се врвните афористичари од Македонија: Софе Штерјоски, Иван Карадак, Љупчо Силјановски, Васил Толевски, Ванчо Поплазаревски, Витомир Долински и Миле Ѓорѓијоски.

- Ова е една од неколкуте книги кои планираме да ги издадеме со афоризми од наши познати афористичари. Денеска сме тука да го официјализираме отварањето на првата сатирична библиотека „Сатирично ќоше“, во која наши македонски и балкански афористичари и сатиричари ќе донираат книги за оваа намена, истакна  промоторот Миле Ѓорѓијоски кој упати благодарност до градоначалникот Емил Дончев и Домот на културата за поддршката, како и до издавачот Славчо Данев. 

Промоцијата беше збогатена со читање афоризми од присутните автори. Новата книга, која доаѓа како продолжение на претходните две беше промовирана во рамките на програмата на Фестивалот „Ин Виница Веритас“, а како составен дел на Македонската сатирична ризница ќе биде достапна на секој љубител на сатирата.