Македонија
11. May 2019 - 11:52

Во Виница отворен социјален сервисен клуб за возрасни лица со интелектуална попреченост

Осумдесет лица со интелектуална попреченост, членови на локалното здружение „Порака“ од Виница, добија нови простории за дружење и социјализација, како дел од проектот за отворање Социјален сервисен клуб.

Работењето на клубот се реализира со поддршка од Републичкиот центар за лица со интелектуална попреченост и од локалната самоуправа на Виница, а во него секојдневно ќе можат да престојуваат лица над 18-годишна возраст кои ќе бидат под стручен надзор.

– Повеќе од десет години баравме простор и можности каде би можел да функционира социјалниот сервисен клуб и конечно, со поддршка од општината, успеавме да обезбедиме одлични простории во центарот на Виница. Со лицата со интелектуална попреченост волонтерски ќе работи психолог, при што ќе се реализираат работилници и други форми на социјализација, за да можат кај нив да се развиваат одредени вештини и способности. Овој клуб е првиот чекор кон отворање други сервисни центри од сличен карактер, а истовремено претставува превенција од институционализација на лицата со попреченост. Очекуваме по извесен период тој да прерасне во дневен центар за полнолетните лица, истакна Василка Димовска, генерален секретар на Републичкиот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака“.

Републичкиот центар „Порака“ има 18 локални организации во државата, како и осум дневни центри, а во другите функционираат социјални сервисни клубови, слични на виничкиот. Дел од општините не покажале интерес за отворање дополнителни сервисни служби, бидејќи кај нив веќе работат дневни центри организирани од страна на Министерството за труд и социјална политика, но разликата е во тоа што тие згрижуваат деца со интелектуална попреченост, а полнолетните лица не се опфатени.