Балкан
15. August 2023 - 19:58

Во Србија годинава 24 лица се разболеле од западнонилска треска

Во Србија годинава 24 лица се разболеле од западнонилска треска, соопшти денеска Јавниот здравствен завод „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, пренесува Бета.

Меѓу нив има и едно лице кое пристигнало од Германија.

Заболените биле претежно мажи, со просечната возраст на 63 години, а најголем дел (80 отсто) имале пропратни заболувања – најчесто дијабетес и хипертензија.

Повеќето од досега регистрираните случаи имаат некаква форма на невроинвазивна форма на болеста – менингитис или енцефалитис – и се лекуваат во болница.

Западнонилската треска е сезонско заболување кое се пренесува со каснување на заразен комарец. Главниот вектор, т.е. пренесувач на овој вирус е „culex pipiens“, вид на комарец кој го има и во Србија. Сезоната на пренесување на вирусот во Србија обично трае од јуни до ноември.