Во Прилеп почнаа чествувањата за 11 Октомври
Со крводарителска акција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и со формирањето на македонското знаме на учениците од прилепските училишта на плоштадот „Методија Андонов - Ченто“, денеска во Прилеп почнаа чествувањата по повод 11 Октомври - Денот на народното востание и одбележувањето на 76-годишнината од почетокот на четиригодишната Народноослободителна борба.
Крводарителската акција во текот на денов во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е традиционална по повод националниот празник и е во организација на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје и на Црвениот крст на Македонија.
Според Анита Божинова Петковска од Институтот прилепчани секоја година ја покажуваат својата хуманост преку оваа традиционална хумана активност.
- Се надеваме дека ќе собереме повеќе единици од планираната бројка и уште еднаш да ги пофалиме граѓаните на Прилеп како добри крводарители. Ги повикуваме сите кои не се започнати со дарување на крв да се вклучат во семејството на крводарители и да даруваат крв, рече Божинова Петковска. Акцијата е отворена до 15 часот.
Денеска напладне околу 1.200 ученици од прилепските основни и средни училишта на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во чест на празникот го изведоа традиционалниот перформанс формирајќи го македонското знаме.
За Снежана Ристеска од прилепската локална самоуправа која е организатор на програмата за чествувањето на „11 Октомври“, Прилеп со гордост го пречекува празникот кој е симбол на македонската борба за независност и слобода, а младите го даваат својот придонес во почитта кон празникот.
- Утрешниот празник е симбол на македонската борба за слобода, ден кога се поставени темелите на македонската државност. Токму градот херој - Прилеп овој празник го пречекува со посебно внимание. На овој перформанс учествуваа над 1.200 ученици кои го формираа македонското знаме. Секоја година локалната самоуправа подготвува и други активности кои ќе го одбележат овој значаен ден. Целта на овој настан е, пред се, дружење на децата и зголемување на почитта на младите кон државните симболи, но и да се оддаде почит на сите луѓе кои го дале својот живот за Македонија во антифашистичката револуција, рече Ристеска.
Во рамките на програмата за одбележување на празникот, вечер од 19 часот на камената бина на плоштадот „Александрија“ ќе настапат солисти од детскиот хор „Мали ангели“. Истовремено во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на дела на скулпторот Никола Смилков. Во 19.30 часот на камената бина на плоштадот „Александрија“ за значењето на 11 октомври ќе говори актуелниот градоначалник на Прилеп, а потоа е и традиционалниот импровизиран напад на градот со огномет, како потсетување на настаните 41-та кога партизанскиот одред „Гоце Делчев“ ја нападнал тогашната полициска станица Участакот, денес меморијален музеј „11 Октомври“ со што беше означен почетокот на народното востание. Потоа, концерт ќе одржи групата „Синтезис“.
На денот на празникот утре почит ќе им биде оддадена на загинатите борци. Делегации ќе ги посетат и ќе положат свежи цвеќиња на Могилата на непобедените во паркот на Револуцијата и спомениците на Кузман Јосифоски Питу и на Методија Андонов Ченто во центарот на градот.
Во рамките на чествувањата на празникот, утре од 10 до 14 часот на плоштадот пред Градскиот саат ќе се одржи изложба на рачни ракотворби во организација на невладината „Мајка традиција“, а од 12 до 15 часот на булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на Прилеп ќе се одржи 10-та по ред манифестација „Car Show“ на која ќе бидат изложени голем број олдтајмери и спортско-модифицирани возила.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Татјана Димитровска, претседател на ДКСК
-
Фирмите за унгарскиот кредит ќе аплицираат од јануари
-
Таравари го оцени македонското здравство со “осмица”
-
Власта и опозицијата побараа Ахмети да каже каде е Груби
-
По Буши, се проширува истрагата за кртовите на полициските акции
-
Мицкоски: Ќе се бара одговорност од членови на Судски совет според Устав и законите
-
Агелер за Судскиот совет
-
Работничка добила отказ бидејќи планирала да забремени со Ин витро – КСЗД утврди дискриминација