Свет
28. јуни 2021 - 10:36

Во мал брод во Атлантски океан пронајдени 20 мртви лица, меѓу кои и две деца

Брод со 20 мртви лица, меѓу кои и две деца, е пронајден на 1,5 километар од островот Гранд Турк, во Атлантскиот океан, објавија вчера локалните власти од островите Туркс и Каикос.

Американските медиуми јавуваат дека официјалните лица соопштиле дека иследниците ја отфрлиле можноста за насилна смрт, но, меѓутоа, се обидуваат да утврдат што се случило.

Идентитетот и потеклото на жртвите, исто така, се истражуваат.

Рибари во четвртокот утрината забележале мал брод и го предупредиле поморскиот оддел на полициските сили на островите Турк и Каикос, кои го извлекле бродот на брегот.

Полицискиот комесар, Тревор Ботинг, изјави дека бродот се чини дека дошол од област надвор од Карибите.

Островите Туркс и Каикос често пати се „магнет“ за очајните жители на Хаити, кои сакаат да побегнат од својата земја погодена од сиромаштија.