Македонија
9. May 2019 - 11:52

ВМРО-ДПМНЕ: Почит за припадниците на безбедносните сили од акцијата во „Диво Насеље“

Денеска навршуваат 4 години од терористичкиот напад на кумановско „Диво Насеље“, кога со брза и навремена акција, македонските херои ги одбранија мирот, безбедноста и територијалниот интегритет и суверенитет.

Во борбата против терористичката група, во одбрана на Република Македонија и нејзините граѓани животите ги загубија:

– Жарко Кузмановски (роден 1981), од с. Брвеница, Тетово

– Ненад Серафимовски (роден 1987), од с. Зубовце, Гостивар

– Сашо Самојловски (роден 1982), од с. Брвеница, Тетово

– Бобан Ивановиќ (роден 1968), од с. Стајковци, Скопје

– Горан Илијевски (роден 1974), од Гостивар

– Исамедин Османи (роден 1983), од с. Студеничани, Скопје

– Љубиша Аранѓеловиќ (роден 1966), од Скопје

– Горан Стојменовиќ (роден 1970), од Миладиновци, Скопје

Вечна им слава! Тие ќе останат запишани со златни букви во историјата, бидејќи со своја лична жртва покажаа дека Македонија и нејзините граѓани биле и ќе останат над се.

Нема да бидат заборавени ниту нивните семејства кои за Македонија ги загубија своите најблиски.

Посебна почит заслужуваат и останатите припадници на безбедносните сили кои покажаа невидена храброст, пожртвуваност и професионализам бранејќи ја Македонија на 7 и 8 мај во Куманово.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ