Македонија
8. August 2024 - 16:42

ВМРО-ДПМНЕ бара почитување на законите, додека ДУИ инсистира на меѓународен ветинг

Барањата за меѓународен ветинг за политичари на ДУИ се уште еден обид за прикривање на криминалите кои ги правеле со СДСМ, предупредува владејачката ВМРО ДПМНЕ. За власта ваквиот план е неприфатлив - велат дека сценариото е секоја постапка која би се отворила против член на нивното раководство да ја претстават како партиска пресметка и да убедуваат луѓе, нивни симпатизери да протестираат поради тоа што тие се наводно репресирани.

Интегративците на Ахмети пак инситираат на меѓународен ветинг на сите политичари во последните триесет години. Бараат овој процес треба да биде транспарентен и независен, со вклучување на меѓународен надзор за да се обезбедела правда и доверливост.

Стравот од целосен ветинг не се покрива со небулозни соопштенија.  Јасно е дека секое доцнење во овој процес само ќе ги засили сомнежите на граѓаните за вистинската посветеност кон борбата против корупцијата. Бараме веднаш да започне меѓународно мониториран ветинг за секој политичар во последните триесет години. 

Темата за меѓународната интервенција за ветинг на политичарите беше во фокусот на состанокот на Централното претседателство на ДУИ кои вчера повеќе од шест часа кроеја план како да се реализира. 

Побаравме став и од СДСМ, дали планот за меѓународен ветинг е прифатлив за нив. Од партијата обвинуваат за тајна коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. 

Празните прес конференции преку кои се закануваат и ја замајуваат јавноста, се само обид да се извлечат од скандалите и тоталниот хаос во своите редови. Неспособни да реализираат ништо од ветеното а најмалку да донесат некаква правда, глумат опозиција мислејќи дека така ќе го пренасочат вниманието на јавноста. Ова сценарио е веќе видено и не поминува. 

Од Мала Речица не сакаат да говорат за алармот кој вклучи премиерот за дестабилизација на државата. Дали протестите се дел од демократските алатки кои ги најавуваат, интегративците не откриваат, но бараат правична застапеност на албанците во сите сегменти и почитување на етничкиот легитимитет.