Македонија
9. September 2024 - 16:28

СДСМ: Мицкоски понуди платформа што самиот не ја почитува

„Не гледај што правам, туку слушај ме што говорам“. Ова е првичната реакција на СДСМ на повикот на Мицкоски за 8 Септември - опозицијата да се консолидира и да ги исчисти своите редови од криминални структури, а потоа да се прифати заедничка платформа од 10 точки за подобрување на состојбите во државата.

Од партијата на Филипче велат дека СДСМ е силен критичар на власта и силно ќе се спротивставува на погрешните политики, но и дека е државничка партија и нема да користи блокади.

„Ние нема да блокираме мерки и закони во Собранието ако се добри за граѓаните, нема да го блокираме европскиот пат на државата, нема да подгреваме меѓуетнички тензии и поделби. Време е ВМРО-ДПМНЕ да созрее и го прифати овој начин на водење политика, па тогаш ќе имаме можност за национално единство и политички консензус. Но, за тоа е потребно лидерство, одговорност и подготвеност да се стави националниот интерес над партискиот“, стои во одговорот од СДСМ додавајќи дека со реторика како „коленичење“, „купена диплома“ или „голтар“ Мицкски создава поделби наместо единство.

Сепак, од опозициската партија велат дека се за национално единство за најзначајните прашања, но за тоа е потребно лидерство. За СДСМ токму ВМРО-ДПМНЕ ги прекршува  10 точки што самиот ги понудил.

„ВМРО-ДПМНЕ спроведува партизирање на секое општествено ниво, дури за болни теми како што се лични образовни асистенти. Наутро Мицкоски вели дека мора да се стави крај на етничките теми и поларизација, а попладне ВМРО-ДПМНЕ подгрева етнички тензии, креира заговори за дестабилизација, создава слика за меѓуетничка нестабилност.  Мицкоски вели дека немало друга алтернатива на ЕУ, додека прави се во спротивна насока од интеграцијата“, коментираат од СДСМ.

Политичките аналитичари пак, сметаат дека многу се мали шансите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да постигнат заедничка платформа бидејки себе си не се доживуваат како опоненти, туку како непријатели

Мицкоски вчера во својот празничен говор побара национална платформа за правда и правна држва, за крај на етничките конфликти, за подобар стандард, силно образование, членство во ЕУ, борба против иселувањето, департизација, градење на заеднички патриотизам....