Македонија
2. January 2025 - 16:34

Владата планира да ја гради втората фаза од жичницата, ќе се доградат и зградите на ФИНКИ и ФФК

Владата планира да ја гради втората фаза на жичницата во Скопје, од Капиштец до Средно Водно. Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, за Сител вели дека во моментов се прават анализи за да се види колку е тоа економски исплатливо. Се проверува и постоечкиот проект кој предвидуваше прва станица на жичницата да биде кај црквата „Свети Јован“ во Капиштец, оттаму да застанува кај Детската болница „Козле“ и потоа да продолжува кон Средно Водно и Милениумскиот крст.

„Имаме некои проблеми таму со паркинг, каде би се паркирале возилата, правиме некои анализи да се паркираат кај НИП Нова Македонија, па да се транферираат луѓето до „Свети Јован“, па да се движат. Во моментов се прават тие анализи, се надевам дека за скоро време, можеби до крајот на овој месец ќе излеземе со конкретен став, дали продолжуваме, како продолжуваме и кои се следните чекори“ – Ивица Томовски, директор на Служба за општи и заеднички работи

Томовски вели идејата е да може до Водно да се стигне без возила.

„Практично да си почне човек да отиде од град во Водно, да може некаде да излезе надвор од Градот, бидејќи тука нас ни е и комплексот Македонско село, којшто планираме да го пуштиме во употреба, па така некако би ја поврзале жичницата, градот и комплексот и би отвориле една старо-нова туристичка дестинација“ – Ивица Томовски, директор на Служба за општи и заеднички работи

Ќе се доградат и зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура. На овие две згради со години нема никакви градежни активности, а при посилен ветер или невреме летаат даски и парчиња од крововите. Затоа потребно е прво да се направи увид и анализа колкава штета има на карабините. 

„Веднаш после направените анализи и утврдените штети ние веднаш би можеле да утврдиме и временски рок колку би требало за да се довршат овие градби и да се пуштат во употреба. Првиот чекор којшто треба да го направиме, а веќе го правиме со министерот за транспорт и врски, е измена во законот за градба, бидејќи измината е дозволата за изградба која трае околу 10 години. Сакаме да направиме законска измена, да бидеме едноставно сите покриени и утре да не одговараме пред институциите, а сепак студентите да го добијат тоа што заслужуваат“ – Ивица Томовски, директор на Служба за општи и заеднички работи

Годинава ќе се завршат и фасадите во централното подрачје, а се размислува и за преземање и поправка на фонтаната на плоштадот Македонија за која беа платени два и пол милиони евра, а со години е оставена да пропаѓа и е оградена со ленти и жардиниери. Сега врз неа е наместена новогодишната елка.