Македонија
31. August 2024 - 16:32

Високите температури го намалија производството на мед

Производството на мед годинава бележи сериозен пад. Високите температури и долгиот сушен период ја намалиле продукцијата речиси за половина. Наместо просечните околу 8 килограми по пчелно семејство, сезонава  се очекува да бидат собрани најмногу до 5 килограми мед. Ваквиот пад во количината ја  прави годината   најлоша до сега, велат пчеларите.

За да ги ублажат негативните ефекти од климатските промени, кои секоја година стануваат се поизразени, пчеларите биле принудени да го зголемат бројот на пчелните семејства. Овој потег, иако неопходен за одржување на производството, значително ги покачил и  трошоците.

Освен неповолните климатски услови, годинава негативен ефект врз пчеларството имаат и големиот број шумски пожари. Ова е дополнителен проблем кој ќе биде причина за загуби и во наредните години.

Пчеларите велат дека сами не можат да го решат проблемот и  затоа е неопходна државна поддршка. Тие апелираат до надлежните органи во новата програма за рурален развој поголем акцент да биде ставен на климатските промени. Ваквата поддршка ја сметаат како  клучна за развој на стратегии и мерки кои ќе помогнат пчеларите да се прилагодат на променливата клима и да ги ублажат негативните ефекти.