Свет
2. July 2022 - 13:16

Венеција воведува влезници за еднодневните посетители од јануари 2023 година

Поради регулирање на огромниот број туристи, посетителите од следната година ќе мора да купат билет за влез во Венеција.

Одредбата ќе се применува од 16 јануари, а беше усвоена со цел да се контролира бројот на посетители, особено во текот на сезоната, изјави туристичката аналитичарка Симоне Вентурини.

Локалното население долго време го критикува градот поради масовниот туризам, кој создава огромен метеж околу најпопуларните венецијански знаменитости и го отежнува движењето низ тесните улички на градот.

Пред пандемијата, не беше невообичаено над 100 000 посетители дневно да го посетуваат градот. Градските власти сега сакаат да ги регулираат еднодневните патници и посетителите со крузери кои, во најголем дел, не придонесуваат многу за локалната економија.

Жителите на провинцијата Венето, луѓето родени во Венеција и секој кој резервирал сместување во градот нема да треба да купуваат билет.

Цената на билетите ќе варира до максимум 10 евра по лице, а оние кои ќе резервираат порано ќе плаќаат пониска цена. Посетителите пред да пристигнат ќе треба да резервираат билети преку Интернет, додека оние кои ќе влезат во градот без билет ќе платат казна од 50 до 100 евра.