Македонија
15. December 2016 - 16:53

Величковски го заврши учеството на НАТО конференција на Началници на трансформација

Делегација од Армијата на Република Македонија предводена од началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник  Методија Величковски денеска го завршува учеството на НАТО конференцијата на началниците на трансформација, во седиштето на Врховната команда на НАТО сојузничките сили за трансформација во Норфолк - Вирџинија, САД.

Како што соопшти канцеларијата на Генералштабот на АРМ, една од главните цели на овогодинешната НАТО конференција е усогласување на трансформациските процеси на армиите со воената трансформација на НАТО алијансата, како и продлабочување и унапредување на меѓусебните врски и соработка.

Фокусот на конференцијата е можноста НАТО и партнерските армии преку иновативни решенија и способности за прилагодување, како и  преку трансформација на армиските капацитети со нови технолошки достигнувања да се подготват за потенцијалните глобални  предизвици во претстојните декади.

Влијателни воени раководители од земјите членки на НАТО и партнерските нации во изминатите три дена дискутираат за воените можности на алијансата и партнерските земји, плановите на воената трансформација и подготовка на земјите за претстојните предизвици, се наведува во соопштението.

На форумските сесии се обработувале и теми за трансформацијата како долгорочен процес на  прилагодување, долгорочни импликации од Варшавскиот самит, подобрување на донесување на одлуки преку напредните облици на пресметки и други актуелни теми.

Генералот Величковски за време на одржување на конференцијата оствари поголем број средби со генерали и раководители на високи позиции во командата на НАТО и водечките земји членки, притоа разменувајќи искуства од покажаните пракси од трансформациите на армиите и идентификување на потенцијални области на соработка.

Од соговорниците, како што се наведува во соопштението, е истакната силната поддршка и пофални зборови за високата обученост и прикажаните резултати на припадниците на АРМ во исполнувањето на зацртаните цели за членство во НАТО алијансата.

На конференцијата учествуваат повеќе од 600 претставници од 28. земји на НАТО алијансата и 24 партнерски нации, командата на НАТО за трансформација, како и претставници од воената индустрија.