Вечер е Стара нова година, а утре Василица и Обрезание Господово
Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечер ќе ја пречекаат Стара нова година, која почнува утре на Василица (1 / 14 јануари).
Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши погача со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.
По повод празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.
Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.
Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.
Инаку, Црквата си има свое празнување и почеток на Новата година, но тоа се случува на 1 / 14 септември.
Ново на Сител
-
Најмалку 11 рудари загинаа во експлозија во рудник за јаглен во Пакистан
-
Снежен бран во Грција – затворени училишта во северниот дел на земјата
-
Маслеников: Русија нема намера да напаѓа земји членки на НАТО
-
На Попова Шапка 64 сантиметри снег, во Маврово 57, а во Крушево 36
-
Јужнокорејско разузнавање: Околу 300 севернокорејски војници загинале во борбите против Украина
-
Вечер е Стара нова година, а утре Василица и Обрезание Господово
-
НИС: Трамп ќе бара средба со Ким за да постигне „мал договор“
-
Традиционално дефиле под маски на Вевчанскиот карневал