Балкан
7. October 2015 - 23:30

Унгарија по три недели го враќа возот во Хрватска

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ на прес-конференција со унгарскиот претседател Јанош Адер, изјави дека е постигнат договор за враќање на хрватскиот воз на територија на Хрватска. 

- Ако хрватската Влада не знаела за оваа посета на Унгарија, тоа е нивен внатрешен проблем, бидејќи советникот за надворешна политика на премиерот Зоран Милановиќ за тоа е известен пред еден месец, рече денеска во Будимпешта Грабар-Китаровиќ.

- Посетата на Унгарија е насочена токму на решавање на односите меѓу двете соседни и пријателски земји. Toa се решава со студени глави со меѓусебно почитување, истакна таа.

Унгарскиот претседател сите ги изненади на прес-конференцијата кога на прашањето дали Унгарија ќе покаже добра волја и наскоро ќе го врати возот на Хрватска што во Унгарија е веќе три седмици, велејќи дека прашањето „го изненадило, бидејќи сметал оти возот веќе одамна е вратен во Хрватска“.

- Но уверен сум дека тоа брзо ќе се реши и тоа да биде најголем проблем во односите меѓу Хрватска и Унгарија во иднина, рече Адер.

Во врска со мигрантската криза, Китаровиќ рече дека треба јасно да се разликуваат бегалците, на кои им е потребна заштита и хуманитарна помош, од економските имигранти.