Македонија
3. March 2018 - 11:18

УХМР: Врнежите го зголемија нивото на реките, можно излевање

 Во текот на изминатото деноноќие во западниот дел од Македонија имаше пообилни врнежи од дожд, а на повисоките места и планините паѓаше снег. До крајот на денов не се очекуваат нови поголеми врнежи од дожд, но поради топлото време и високите температури на воздухот, снегот ќе продолжи да се топи поради што е можно заезерување на реките во рамничарскиот дел, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

- Врнежите заедно со растопениот снег предизвикаа зголемување на водостоите на реките во западниот дел на земјата, а особено е зголемено нивото на Вардар во Полошко, како и на Треска, Радика, Сатеска, Црн Дрим и Црна Река, велат од УХМР и додаваат дека и во текот на денов се очекува да бидат високи водостоите на овие реки.

Според податоците од метеоролошките станици, најмногу дожд во изминатите 24 часа падна во Маврово 36 милиметри, по што следат Пожаране со 31, Крушево 14, Тетово 13 и Охрид со девет милиметри.

Поради топењето на снегот, посочуваат од УХМР, влажноста во земјата ќе биде доста голема и се очекува и понатаму да останат високи водостоите на реките, особено во западниот дел на земјата, а на поедини рамничарски места можна е појава на заезерувања.

- Во наредниот период се очекува и зголемување на нивото на подземните води. Можни се локални излевања на реките во сливот на Треска кај месноста Пласница, во горниот дел од сливот на Вардар во Полошката Котлина, како и во сливовите на Радика, Сатеска, Црн Дрим и Црна Река, потенцираат од УХМР.

Поради големата влажност на почвата и натамошното топење на снегот од УХМР предупредуваат за внимателно следење на состојбата и претпазливо движење покрај реките и суводолиците.