Македонија
5. August 2024 - 19:31

Уапсено лице за фалсификување монети во акција на македонската и косовската полиција

На косовската територија, вчера е приведено лицето Ш.Д., на 34-годишна возраст од Ресен, вработено во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи, а поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело - „фалсификување пари“, соопштија вечерва од МВР.

- Исто така беа извршени претреси на три локации, при што се пронајдени и одземени две машини со компресори за потиснување, шест метални печати за изработка на монети од две евра, шест вреќи со полупроизвод на монети и една вреќа со готов производ на фалсификувани монети. Одземенети предмети ќе бидат предадени на понатамошно вештачење, се наведува во соопштението.

Од Обвинителството информираат дека поради регистрирани неколку случаи на пуштање во оптек на фалсификувани пари во Косово, Специјалното јавно обвинителство на Република Косово (СПРК) заедно со Секторот за истражување економски криминал и корупција во косовската полиција, со поддршка на други истражни и разузнавачки органи во таа држава, од 2023 година „започнаа повеќе активности насочени кон спречување на дистрибуцијата на фалсификувани пари, особено евра на косовскиот пазар со што се нарушуваше пазарот и јавниот интерес“.

- Како резултат на овие активности, започна голема меѓународна истрага во рамките на која беше формиран заеднички истражен тим меѓу Косовското специјално обвинителство од една страна и Основното јавно обвинителство - Скопје од друга. Во спроведување на активностите на истражниот тим, беа вклучени претставници на Истражниот центар на ОЈО - Скопје, на Одделот за борба против организиран и сериозен криминал, Единица за финансиски криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Директоратот за економски криминал при Косовската полиција, соопшти Обвинителството.

Работејќи заедно, тие реализирале операција во која вчера во Косово бил уапсен државјанин на Република Северна Македонија, „за кого постои сомнение дека произведувал и пуштал во оптек во Косово стотици илјади фалсификувани метални евромонети во номинална вредност од по две евра“.

- Во исто време, во Скопје беа извршени претреси на три локации при што беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите. Сите тие ќе бидат предмет на натамошно вештачење. По наредба на специјалниот јавен обвинител на Косово, македонскиот државјанин беше привремено задржан 48 часа, по што до надлежниот суд е доставен предлог за негово обезбедување во текот на постапката, се додава во соопштението.

Оваа операција, како што се појаснува, во целост е поддржана од Европол и од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан, „кои овозможија оперативна координација, критична разузнавачка анализа и техничка помош за успешна реализација“.

- Истражните органи од Република Косово и Република Северна Македонија остануваат посветени на заедничките напори за сузбивање на криминалот кој ги нарушува финансиските текови и соодветно ќе ја информираат јавноста за текот на постапките, се истакнува во соопштението на Обвинителството.